„Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ вечер во МНТ


Во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, а во изведба на Скопје танцовиот театар, вечер во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се изведе претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“.

Претставата се изведува пред заминувањето на танцовиот театар за Париз, Франција, каде што ќе има гостување на сцената на еден од најпрестижните светски театари, Националниот театар за современ танц „Шајо“.

 

Во претставата вечерва, а и на гостувањата во Париз ќе настапат Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова Атанасова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева , Стефани Шааршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак. Музиката за претставата е на Тони Китановски, костимите на Благоја Мицевски, а дизјан на сцена и светло на Матеа Мијановиќ.

Во Париз претставата се најавува во „очекување како изнендувачка претстава, која не води во еден магичен свет, за да зборуваме за актуелностите“. Понатаму новинарките Делфин Бафур и Агнес Изрин за магазинот „La terrasse“ велат: ‘Рисима Рисимкин ја доведува во прашање експресивноста на движењето во времето на пандемијата. Надвор од оваа општоприфатена тема, Скопје танцовиот театар не поканува да ги истражуваме имагинарните идентитети, изнесувајќи чудни ликови, запленети од големата интензивеност на танцот. Рисимкин неодамна ни се довери дека во овој опус, „се обидува да најде јазик што функционира во ова нефункционално време“, се наведува во соопштението на Скопје танцовиот театар.

Претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ ќе има три изведби на париската современ сцена и тоа на 16, 17 и 18 март оваа година.