Идејата за железница на кејот на Вардар во Скопје е бизарна
Доколку навистина се изгради железница на Кејот тоа ќе биде глогов колец во срцето на Скопје. Наместо Кејот да се ревитализира и да се негува ова извонредно наследство ќе треба да ги гледаме композициите со вагони како Вардар го одвојуваат од неговите граѓани. Нема никаков смисол
Во Македонија се раѓаат секакви идеи, но онаа што му беше предложена на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, е една од најбизарните што сме ги слушнале. Стопанската комора и нејзиниот претседател Бранко Азески побрзаа да го поканат на разговор Ѓорѓиевски откако ја доби кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ, посредно сугерирајќи дека тој за нив веројатно ќе биде нов градоначалник, за да му ги презентираат идеите на големиот бизнис за развојот на главниот град.
Имаше тука и интересни предлози – како да се редуцираат големи број расцепкани надлежности меѓу општините и Градот, потоа како за индустриските зони да има подобра програма и план и да бидат силен економски мотор, а не како онаа во Визбегово да се задушува во нерешени прашања и инфраструктрурен јазол.
Но предлогот на претседателот на Комората, Бранко Азески, да се изгради железница покрај кејот на Вардар е бизарна и не соодветсвува со современите размислувања за тоа како треба да живее еден град во 21. век. „Треба да се искористат природните предности – со најмали средства во најкраток период да се добијат најдобри резултати. Едно такво решение е покрај кејот на Врадар да се направи железница со која ќе се растовари центарот на Скопје, ќе се забрза протокот на луѓе, услуги и стоки. Ќе добиеме чисто место, државно, без имотно-правни проблеми и не многу скапо решение, современо, кое може да се надградува“, рече Азески.
Не трамвај, што исто би било бизарно, туку железница, вистинска пруга, преку која покрај брегот на Вардар би поминувале композиции со товарни вагони, а не само со луѓе. Како што вели Азески, да се забрза превозот на стоки и луѓе. Ѓорѓиевски, почестен од повикот во Комората, им порача на бизнисмените дека треба да бидат „сигурни дека ќе имаат вистински партнер во мене, дека ќе имаат подадна рака за поддршка“.
Можете да барате колку сакате по интеренет или по енциклопедии, но тешко оти ќе најдете дека во еден главен град реката која е опеана во националните митови е искористена како носач за железница. За превоз на стоки и луѓе низ самиот центар на градот. Па тоа не беше правено ни во времето на големата индустриска револуција во средината на 19. век во големите економии.
Има повеќе градови кои покрај брегот изградиле патишта за да се забрза превозот. Најпознатиот случај е Париз, кога тогашниот премиер Жорж Помпиду во 1967 година нарача и отвори 13 километри брз пат по десната страна на Сена и помало парче од левата. Објаснувањето на Помпиду, кој подоцна стана и претседател, беше дека со тоа ќе се растоварел сообраќајот низ улиците на Париз.
Не поминаа ни петнаесетина години кога парижани и градските власти сфатија дека тоа е едно од најкатастрофалните решенија за Париз – им го одзедоа десниот брег на граѓаните за да им го отстапат на автомобилите. Неколку градоначалници по ред, вклучувајќи и ја сегашната Ана Идалго, најавија „повторно освојување“ на градот за неговите жители.
Од 2002 година дел од брзиот пат стана плажа во лето, позната како „Париз-Плажи“ и го посетуваат 4 милиони луѓе годишно. Автомобилите беа забранети на левиот брег на Сена во 2013 година и на десниот брег во 2017 година, по неколкугодишни експерименти. Таму каде што некогаш повеќе од 40.000 автомобили поминуваа низ Париз секој ден, луѓето сега можат да шетаат, а семејствата да одат на пикник онаму каде што сообраќајот е забранет по должината на делот од десниот брег на реката Сена. Социјалистичката градоначалничка Идалго го нарекува „враќање“ на бреговите на Сена.
Помалку автомобили, но повеќе јавен превоз и велосипеди – Идалго смета дека нејзините политики се во согласност со времето: „Сите градови во светот се движат во оваа насока – и не сакам Париз да биде оставен назад“.
Вкупно, седум километри сега се без автомобили од двете страни на брегот на реката. Ако отидете во Париз можете да пешачите покрај Сена од Бастилја до Ајфеловата кула.
Овој развој се смета за клучен пример за тренд во Европа и низ целиот свет на градови кои ги обесхрабруваат автомобилите од своите патишта.
Според предлогот на Комората, ние треба да ги обесхрабриме автомобилите покрај Вардар, но да ги донесеме возовите. Па луѓето што поминуваат на Кејот, или оние што седат во кафулињата, ќе имаат извонредна можност да ги гледаат композициите на возовите кои поминуваат под нив. Цистерни со нафта, вагони со лим, други товарни вагони, а и по некој патнички воз. Заедно со целото загадување што го носат со себе. И да гледаат како пругата е главна блокада за пристап до самиот брег на реката. Така Вардар ќе биде совршен одвоен од своите граѓани.
Кејот на Вардар е едно од најспектакуларно изведените решенија на постземјотресно Скопје кое една година претходно ја имаше несреќата и со поплавата. Кејот е толку добро направен, што многу брзо стана и омилено шеталиште за скопјани. Но, за жал, неговото одржување е срам за градот и неговите жители. Брегот на коритото е обраснат во трева, тревата не е искосена на кејот и покрај патеките, ѓубре на сите страни. Кејот е запуштен, оставен да „вегетира“. Без нови содржини, без обновување, а поминува низ срцето на градот. Тоа е она за што треба да разговараат бизнисмените и кандидатите за градоначалник, а не да се постави пруга на кејот и да го уништиме едно од највредните наследства од социјалистичките години, кое нѐ прави толку горди. Затоа, не само што предлот е бизарен, туку и на многу начини е бесмислен, без оглед што идејата можеби била како побрзо да се развива Скопје.
Другиот кандидат за градоначалник на Скопје, Каја Шукова од СДСМ, реагира дека „идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна. Тоа е последното нешто што му треба на Скопје. Кејот на Вардар е едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот“. Овие зборови можеби изгледаат политички коректни, но тие се погрешни, млаки, без поента. Тие не ја отсликуваат драмата на која може да биде подложен главниот град. Ако Шукова сака да го води Скопје во новото време, нејзе ѝ треба похрабар речник, онаков каков што го слуша околу себе, од обичните граѓани, апропо оваа идеја. Не е „Кејот на Вардар едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот“, како што вели Шукова. Идејата за железница на Кејот е глогов колец во срцето на Скопје. А тој што тоа ќе го оствари ќе биде неговиот „убиец“. А тие што ќе го премолчат тоа ќе бидат соучесници.
И ова е пример дека во Македонија има инсуфициенции од идеи. Државава изгледа изгубена, таа не може да го најде допирот со модерното. Скопје не знае како да го направи градот похуман за своите жители, да ги обесхрабри луѓето да користат само автомобили за превоз, да го намали загадувањето. Луѓето повторно да го засакаат градот, затоа што на многумина им одмиле.
Но за таква обновена љубов треба да се има паметни идеи, кои ќе одат над стереотипите. Дваесет години се водат бесмислени расправи за воведување трамвај, па се правеа физибилити студии и ништо не бидна од тоа. Еден епохален неуспех, поради кој сите треба да ги наведнеме главите. А особено оние што го водеа градот, а и оние што од сенка командуваа со неговиот развој и потребите.