Идеите на Гордана и Билјана
Двете кандидатки ќе ѝ ја врателе на Македонија гордоста, а на нацијата достоинството. Тие популистички слогани може да ја однесат државата назад сто чекори
Со невидена леснотија деновиве, во изборната кампања за претседател на државата, изложени сме на агресивните тврдења од кандидатките за претседател дека Македонија ја изгубила гордоста, а македонската нација го изгубила достоинството.
И бидејќи сме земја која ја изгубила гордоста и нација што го изгубила достоинството, тие од своите огромни билборди и од телевизиските екрани ни порачуваат – со нив Македонија ќе станела повторно горда, а нацијата ќе си го вратела своето достоинство.
Ако малку заслушате што говорат, ќе ви стане јасно дека и двете кандидатки за жена претседател на државата, Гордана Силјановска-Давфкова на ВМРО-ДПМНЕ и Билјана Ванковска од Левица, тврдат дека земјата имала гордост, а нацијата достоинство, сѐ до промената на власта во 2017 година, кога се потпишани договорите со Грција и со Бугарија за добрососедство, по што земјата стана членка на НАТО и доби рамка за преговори за членство со ЕУ.
Сѐ дотогаш, според нив, додека владееше ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, додека цел свет ни се смееше на нашата авантура со потрагата по антички корени на нацијата, и кога се тврдеше дека имаме идентетски спор со соседите кој не може да се реши, ниту низ преговори ниту со посредување на меѓународната заедница, затоа што Грција и Бугарија не сакале да постоиме како држава и како нација, Македонија имала гордост а нацијата достоинство.
Сме ја изгубиле гордоста на државата кога сме прифатиле договор со Грција со кој сме обезбедиле само да се нарекуваме Република Северна Македонија, во која живеат Македонци и кои говорат македонски јазик, и договор со Бугарија, па и преговарачка рамка за членство во ЕУ, во кои сме ветиле дека и малата етничка заедница на Бугарите во Македонија ќе биде ставена во Уставот како гаранција за заштита на нејзините етнички права и дека ќе се формира историска комисија меѓу двете земји, чии наоди ќе се усвојуваат само со конзенсус и кои не ги обрзуваат државите да постапуваат по нивните наоди ако не бидат усвоени од надлежни органи.
И бидејќи сега државата е со изгубена гордост, а нацијата со изгубено достоинство, тие ветуваат дека ако која било од нив стане претседателка на државата, и ако дојде до промена на оваа „ненародна власт“, Македонија ќе станеле повторно горда со Гордана, а нацијата повторно достоинствена со Билјана.
Едно е што двете, со невидена надменост, тврдат дека да биле тие на власт и да имале можност тие да преговараат, наместо „неспособните преговарачи од сегашната“, тие нема да го виткале ‘рбетот пред соседите и големите сили и со силни аргументи засновани врз меѓународното право, ќе обезбеделе Македонија да остане горда, а нацијата достоинствена како до 2016 година.
Но, бидејќи таа прекрасна можност за користење на нивниот ум и техники за преговарање била пропуштена, тие имаат рецепт за враќање на гордоста на земјата и достоинството на нацијата ако им се даде таква можност со нивниот избор за претседател на државата.
Рецептот на кандидатката за претседателка на државата на Левица, Билјана Ванковска е многу едноставен.
Таа смета дека сите маки на земјава можеле да бидат избегнати само со тоа, ако сме одлучеле, како земја и нација, да не преговараме со соседите за било што, ако не сме биле заинтересирани за членство во НАТО и во ЕУ, и ако не сме им дозволиле на Албанците во 2001 година со Охридскиот рамковен договор да ни „станат газди во нашата татковина“.
Оттука, ако таа ја добие довербата на граѓаните и биде избрана за претседател на државата, сѐ ќе биде вратено во претходната состојба, пред промената на власта во 2017 година, па и многу порано. Таа и нејзината партија Левица, ако се прашуваат, земјата ќе си го врати името, а нацијата достоинството, ако го прогласиме за неважечки Преспанскиот договор со Грција и го напуштиме НАТО, ако го прогласиме за неважечки договорот со Бугарија и ги прекинеме разговорите за членство во ЕУ и ако Охридскиот рамковен договор со сите негови одредби во Уставот го прогласиме за надживеан и практично неважечки.
Македонија, според оваа кандидатка за претседател на државата, треба да се врати на политиката од времето на Југославија позната како „мирољубива активна когзистенција“ и, како што вели во нејзиниот изборен спот: „Ќе излеземе од Бермудскиот тријаголник што е создаден со овие три договори за Македонија и ќе станеме независна држава во свет во кој белите мугри се раѓаат на Исток“.
Кандидатаката за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, со амбиција да ја направи земјата одново горда, го кажува истото ова што го кажува и Билјана Ванковска само подобро спакувано во фрази за „пропуштените можности“ и „сјајните прилики“.
И таа тврди дека со Преспанскиот договор ѝ е нанесена огромна штета на македонската нација. Тоа се случило заради неспособноста на политичките раководства во земјава, од 2017 до денес, за преговарање со соседите и со земјите членки на ЕУ, неспособноста на министрите за надворешни работи и дипломати, отсуството на свест за тоа колкава штета може да му се нанесе на македонскиот национален идентитет со таквите разговори и договори, и во свесната готовност да се откажат од одбрана на најсветите национални цели и интереси, која е еднакво на национално предавство, само со цел да останат што подлого на власт, односно од „користољубие“.
Овие тешки обвинувања се во функција на две нешта. Првото е да ѝ каже на јавноста: Да бев јас на нивно место и мојата партија со сигурност ќе постигневме подобри договори. И втората е – за жал, штетата е веќе направена и јас тука ништо веќе не можам да сменам и да помогнам. Ама ќе ја направам Македонија повторно горда.
Таа во принцип, како нејзината партија, не го доведува во прашање членство на земјата во НАТО, но го оспорува начинот на кој тоа е остварено, Со тоа, таа остава простор да се оспорува потпишаниот договор со Грција и членството на земјата во НАТО алијансата. Учествувајќи во хорот кој ја оспорува прифатената додавка на името на земјата Северна, таа креира атмосфера на натамошно опстојување на лоши односи со Грција, на продлабочување на поделбите внатре во земјата и на негативен однос кон САД и кон ЕУ, кои учествуваа во постигнувањето на тој договор.
Да бев јас, е нејзината нарцисоидна порака, и да беше на власт партијата ВМРО-ДПМНЕ што мене ме подржува за претседателка на државата, немаше да биде потпишан таков штетен договор со Грција. Но, и покрај тоа, јас ветувам дека ќе ѝ ја вратам гордоста на државата во меѓународните односи.
И бидејќи таа „штета“ веќе не може да се поправи, и не можеше да се спречи членството на земјата во НАТО, таа ветува дека успешно ќе го спречи членството на Македонија во ЕУ.
Синтагмата што таа и нејзниниот ментор Христијан Мицкоски ја користат гласи: Нема членство во ЕУ под бугарски диктат.
Цел свет ќе ви потврди дека заштита на правата на малубројната бугарска етничка заедница во Македонија и со внесување на таа заедница во Уставот, покрај сите останати заедници што се веќе во него, може да се смета за почитување на Копенхашките критериуми од страна на земја кандидат за членство во ЕУ. Но, оваа „експертка“ за човекови и малцински права, како што самата се титулира и нарекува, избрале со нејзиниот ментор да тврдат дека тоа е диктат. Тоа не било спорно, ама ако се случело тоа, треба да биде со гаранции дека Македонија ќе стане членка на ЕУ што и да прави, на крајот од преговарачкиот процес и можеби со некои други отстапки од Бугарија. Испаѓа дека, ние ќе им ги гарантираме правата на Бугарите со Уставот само ако тие ни гарантираат непречено членство во ЕУ. И тука станува нејсно кој кого уценува и со каков образ и сила.
Кога сето тоа, Силјановска-Давкова го прикажува како врвна мудрост и клучна цел со чие оставрување Македонија ќе станела повторно горда, ти доаѓа да се запрашаш има ли некој што во такви лаги може да поверува?
И на крајот. Учествувајќи во еднонационалните митинзи за своја подршка на кои отворено се говори за тоа дека СДСМ станал измеќар на ДУИ во земјава, дека Македонците станале кираџии во сопствената држава, дека ќе се спречува дуизација и албанизација на општеството, Гордана Силјановска-Давкова, станува дел од онаа позната кампања во 90-те кога се ветуваше „сечење на канџите на албанскиот орел“ и ветување на она за што се залага и Ванковска, а тоа е прогласување на Охридскиот рамковен договор за надживеан.
Таа, застаната покрај Мицкоски и другите кадри од времето на Груевски, ветува дека ќе го департизирала општеството, во јавната администрација ќе биле вработувани професионалци, а во дипломатијата само способни кадри. А уште во 2006 ни беа давани истите такви ветувања од кадрите покрај неа. И тоа не се случи.
Сѐ на сѐ, ако двете кандидатки за жена претседател го остварат тоа што го ветуваат, поголема е веројатноста не само дека на земјата нема да ѝ биде вратена гордоста, а на нацијата достоинството, туку и земјата и нацијата може да се случи да ги изгубат и оние малку придобивки што беа остварени со многу труд, откажувања и свесни жртвувања.
Тие двете и нивните спонзори покажуваат до сега елементарно неразабирање на односот на силите во политиката и на геополитичките состојби кои изнудуваат решнија од секоја нација за да се опстане во светот, и ја шират онаа позната илузија, и кафеанска логика, што ја сееше Стевчо Јакимовски, уште кога победи за градоначалник на времето со „македонската песна“: „Нико нам ништа не може. Јачи смо од судбине“.
Лесна е за пеење и можат да се сечат вени на таа песна, но по излегувањето од кафеана реалноста е сосема поинаква.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)