ИД презеде одговорност за нападот во Кабул


Екстремистичката група Исламска држава денеска презеде одговорност за вчерашниот напад во Кабул, при што загинаа десет луѓе.

Група вооружени лица вчера извршија напад врз зградата на Министерството за телекомуникации на Авганистан, што е лоцирана во центарот на Кабул.

Авганистанскиот министер за внатрешни работи Насрат Рахими изјави дека меѓу загинатите тројца се цивили и тројца припадници на безбедносните сили.

Престрелката помеѓу напаѓачите и безбедносните сили траеше повеќе часови, а заврши откако тројца џихадисти беа убиени, а четвртиот се саморазнесе.

Нападот во Кабул уследи откако во четвртокот беа откажани разговорите меѓу претставници на авганистанското општество и талибанците во катарскиот главен град Доха.

Тоа требаше да бидат први разговори меѓу претставници на авганистанската Влада и талибанските бунтовници, со цел изградба на мерки на доверба и разгледување на можноста за отпочнување преговори за ставање крај на 17-годишниот конфликт во Авганистан.