И Заев против предлогот на Георгиевски
Предлогот на екс-премиерот Љупчо Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија, што опозицијата го нарeче „пробен балон на власта“, денес категорично го отфрли и премиерот Зоран Заев. Според него, нема такво нешто да легнеш како Бугарин и следниот ден да се разбудиш како Македонец, алудирајќи на бугарските теории дека македонската нација е формирана со декрет во 1945 година.
„На најпластичен начин кажав за да може да се разбереме. Не постои такво нешто да си легнете како Бугари и да се разбудите како Македонци. Владата не преговарала за македонскиот јазик и идентитет. Тоа е загарантирано со универзалните права на Македонците. Историчарите ќе најдат решенија“, рече Заев.
Тој нагласи дека уште вчера исконтактирал со Љупчо Георгиевски во врска со неговата „понуда“ на решенија за проблемот со Бугарија:
„Му кажав дека тоа не може да биде став на Владата бидејќи неговата партија е во коалиција со нас“, рече Заев.
Денеска Љупчо Георгиевски продолжи да се се бори за својот предлог по многуте бурни реакции во јавноста.
„Чудна работа, плукачи колку сакаш! А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па, еве ви кукавици отворена понуда за дуел“, напиша тој кусо на Фејсбук. (Н.В.)