И за пописот, дијаспората може да се изјасни од земјава или од странство каде што живее
И досега нашата дијаспора имаше опционо право на гласање – да гласа преку ДКП-ата, каде што е, или дома. Ако го искористи правото и се регистрира навреме, согласно Изборниот законик, да гласа во дијаспората, ќе си гласа таму, а ако не се регистрира, и останува само првато да гласа дома, истакна денеска премиерот Зоран Заев.
Тоа, според него, нема никако да влијае врз избирачкиот процес, односно на спроведувањето на пописот во државата.
Одговорајќи на новинарски прашања по денешната заедничка прес-конференција со министерот за финансии, Фатмир Бесими во Владата, Заев повтори дека за реформите во образованието е нужна јавна дебата, за да се донесат, како што рече, најдобрите решенија.
-Верувам дека од дебатата ќе се извлече максимум, слушаат и министерката Царовска и јас и Владата и целиот тим. На целиот процес треба да се гледа како на практична потреба во државата. Реформите ни требаат на сите, ако бидеме конструктивни ќе се донесат најдобрите решенија, потенцира Заев.
И на прашањето дали ќе има предвремени избори, премиерот уште еднаш кажа дека избори ќе има во 2024 година. Предвремени избори, рече Заев, нема да сменат ништо, само ќе се изгубат дополнителни шест месеци за граѓаните и државата.
-Имаме мнозинство од 62 пратеника. Ќе има избори во 2024 година, но редовни, како што сум дал збор. До тогаш да ги засукаме ракавите и да го одработиме својот дел за граѓаните за кои и постоиме. И ако ги повториме изборите, сегашните анкети покажуваат дека тоа нема многу да смени во Парламетот, само ќе им изгубиме на граѓаните шест месеци, подвлече Заев.