И за Оливер Спасовски отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ е провокација


 

Ништо друго освен провокација – вака го оцени отворањето на бугарскиот клуб со име „Ванчо Михајлов“ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој го повтори денеска на Владата во врска со овој настан во Битола на кој беа бугарски политичари.

„Го знаете ставот на Владата дека ние сакаме да дојдеме преку принципиелни разговори до решение со цел да го оствариме нашиот национален интерес, а тоа е членството во ЕУ. Ова што се случи во Битола, а тоа е отворањето на овој центар, и тоа со име на еден учесник или соработник на Хитлер, на фашистичкиот окупатор, за мене е неприфатливо. Тоа претставува провокација и нема никако да придонесе кон подобрувањето на односите ниту ќе ја подобри климата во Бугарија ниту ќе ја подобри климата во Северна Македонија“, рече Спасовски.

Зборувајќи во Куманово, Спасовски нагласи дека нашата земја е никната од Народноослободителната војна и секој граѓанин го почитува тоа затоа што македонскиот народ застана на вистинската страна од историјата.

„Сметам дека сите политичари ќе мора да се свртат кон иднината затоа што е важно кога ќе носите одлуки да се носат за идните генерации притоа да не загрозиме ништо што досега го имаме. Разговор на принципиелни основи и се надевам дека ќе можеме да дојдеме до решение на прашањето“, рече Спасовски.