И за игрите на среќа ќе се расправа со европско знаменце, чии интереси стојат зад овој закон?

Асоцијација на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина – АПИС испрати предупредување до пратениците дека од нивниот глас зависи судбината на 10 илјади семејства кои се вработени во оваа економска гранка, со очекување ова прашање денес да се вметне во дневниот ред на Комисијата за европски прашања бидејќи некому му се брза да го преземе бизнисот во оваа област.
-Имаме сознанија дека денес на седницата на Комисијата за европски прашања ќе биде дополнет дневниот ред со Предлогот на закон за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри, кој беше пуштен во Собраниска процедура со ЕУ знаме на 16 март оваа година. Пред неколку дена јавно ја отворивме дилемата дали упадот на Државна лотарија во досегашниот систем на игри на среќа со одлуката капитално да учествува во формирањето три нови трговски друштва за организирање игри на среќа преку интернет, е всушност вовед во ставање клуч на врата на обложувалниците и автомат клубовите? Дали некој лажно верува дека приходите од досегашниот систем на организирање игри на среќа можат да се заменат со приходи од игри на среќа преку интернет? Или можеби се работи исклучиво за задоволување лични бизнис апетити во кои ќе се жртвува цела економска гранка за во Северна Македонија да царуваат фирми на кои ќе им се дозволи да организираат игри на среќа без ниту еден вработен?
Разочарани сме што некој се’ уште не ја разбира сериозноста на последиците кои ќе ги предизвика усвојувањето на овие законски измени. Очигледно, ниту забелешките на амбасадорите на земјите членки на ЕУ не се доволни. И покрај фактот што уште во февруари евроамбасадорот Дејвид Гир јавно порача дека европското знаме не смее да се злоупотребува за избегнување на дискусиите за важни прашања некој не се откажува од намерата да протурка скандалозни и противуставни измени на законот за игри на среќа.
Воведувањето на дистанца од 500 метри од образовни институции е фасада за скриената намера за целосно затворање на објектите каде организираат игри на среќа. Со ова погубно сценарио, државата ќе изгуби 280 милиони евра годишно приход во централниот Буџет и ќе создаде предуслови за организирање игри на среќа на црно, без лиценци и без никаква контрола од надлежните институции. Доколку се изгласаат овие законски измени 10 илјади луѓе ќе останат без работа и заедно со своите семејства ќе бидат принудени, во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата економска дејност игри на среќа. Ова се обични луѓе, меѓу кои и родители на малолетни деца кои чесно си ги заработуваат платите и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава.
Крајно време е игрите на среќа да се тргнат од дневно политичкиот ринг. Апелираме пратениците да не сфатат сериозно пред да стане предоцна. Не треба да наседнуваат на манипулациите на противниците на легалните игри на среќа. Тие никогаш нема да кажат чии бизнис интереси штитат и нема да преземат одговорност за хаосот кој следи доколку овие законски измени се усвојат.
Добро е денес сите членови на Комисијата за европски прашања пред да се изјаснуваат да си го постават прашањето, кога младите се повеќе заштитени, сега кога игрите на среќа се одвиваат на легален начин или кога ќе се организираат на црно и државата ќе нема никаква контрола?
Конечно, ако процедурата за усвојување на овие законски измени продолжи по секоја цена, тогаш ние ќе бидеме доведени во состојба на крајна нужда. Ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести и со сите демократски средства да се бориме против неправдата. Наша должност е да ги заштитиме вработените и огромните инвестиции кои ја придвижуваат македонската економија напред, стои во реакцијата.
Државна лотарија на Македонија пред два дена одговори на ваквите обвинувања од АПИС тврдејќи дека „заради реализација на принципот за одговорно и контролирано приредување на интернет игрите на среќа, во тек е спроведувањето на транспарентна и законски издржана постапка за избор на правни лица заради доделување договор за заедничко вложување во интернет игрите на среќа во коишто доминантно учество со 51 % ќе има Државна лотарија“.
-Во оваа фаза на постапката, којашто се спроведува законски и транспарентно, информираме дека тендерска документација по јавниот повик подигнале повеќе од 10-ина компании од коишто повеќе од половина се друштва за приредување игри на среќа основани и со седиште во Република Северна Македонија…На овој начин, државата, преку Државна лотарија, ја презема контролата над оваа специфична дејност во игрите на среќа – интерент игрите на среќа, со цел заштита на граѓаните од неконтролирано играње на странски платформи а воедно и да спречи да се одливаат средства во странство, наместо да се приходуваат директно во Буџетот на Република Северна Македонија“, стои во реакцијата на Државната лотарија.
Во врска со истиот закон се јави и ВМРО-ДПМНЕ тврдејќи дека со владина одлука се отвора врата бугарското подземје да влезе во игрите со среќа во Македонија.Според оваа партија целиот овој бизнис е проектирано да го добие Васил Божков викан Черепот од Бугарија кој е познат во мафијашките кругови во нашиот источен сосед.
-Овој лик. кој Артан Груби, се обидува да го востоличи како бизнис партнер на државата во игрите на среќа, е ставен на црната листа на САД со актот Магнитски. Токму со овој акт Черепот и неговите компании се санкционирани како дел од борбата на САД против криминалот, корупцијата, ширењето на руски влијанија кај нашиот источен сосед, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно се случува „тепачка“ кој да ги собере парите од игрите на среќа кои стануваат еден од најпрофитабилните бизниси во Македонија, при што прашање е дали јавниот интерес воопшто е ставен во преден план.