Но, од кабинетот на Пендаровски не се согласуваат со ваквото толкување. Потврдуваат дека до Вила Водно досега не е пристигнато ништо од Собранието. Но, и покрај ова Пендаровски веќе од средата брои 10 дена до чинот на доделување на мандат. Од кај шефот на државата потсетуваат на ставот даден по конститутивната седница.

„Кабинетот на претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на ден 4 август 2020 година. Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020.“

Согласно ваквиот став рокот за мандатот истекува на 14 август в петок. Дека рокот тече согласен е и професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски. Вели нема дилеми дека Собранието е конституирано и со тоа претседателот на државата е должен во рок од 10 дена да го даде мандатот за влада.

Член 90 од Уставот вели дека претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот кој има мнозинство во Собранието. По различните толкувања дали тече или не рокот, се наметнува дилемата, дали се прави простор за подоцна да се спори доделувањето мандат.