И во Собранието треба да се внимава што се зборува – Бране Петрушевски осуден за клевета


Бране Петрушевски

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, Бране Петрушевски, на социјалните мрежи објави дека во Основниот суд Куманово бил осуден за став искажан на собраниска говорница, додавајќи дека ова е првпат во историјата на плурализмот пратеник да е осуден за став. Пратеникот, како што е наведено во пресудата, во својот говор го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски и му ја повредил честа.

„Уставот и законот предвидуваат имунитет на пратениците за ставови искажани од собраниската говорница. Но, одамна Уставот и законите на оваа држава за власта на ДУИ и СДС се само обична хартија за еднократна употреба. Јавно им кажувам, ниту ќе ме уплашат, ниту ќе ме замолчат, ниту ќе ме запрат да им ги кажувам криминалите дирекно в очи. Нека се подготват наредниот период да преживуваат уште посериозна ‘душевна болка’“, пишува на Фејсбук Петрушевски.

Во пресудата, која Петрушевски ја објави на Фејсбук може да се види дека тој на пратеникот Костовски треба да му исплати 150 илјади денари плус законска камата за душевна болка предизвикана од навреда искажана од собраниската говорница.

Пратеникот Мартин Костовски, како што може да се види во пресудата, барал надомест на штета од 600 илјади денари, но судот само делумно го усвоил тоа барање.

Според Петрушевски, во пресудата не стои по кој член и закон е осуден. Петрушевски е осуден затоа што од говорницата го обвинувал Костовски дека зел канадски пасош за да се спаси од затвор. Рекол и дека, за да гласа за францускиот предлог, министерот за надворешни работи, Бујар Османи. ја вработил неговата сопруга во МНР, како и дека ќе треба да докаже како со чиновничка плата од 50 до 60 илјади денари гради зграда во центарот на Куманово. Го обвинувал и дека земал пари за да вработува лица во градската администрација, како и дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го спасил откако со 1,47 примили алкохол во крвта нападнал двајца негови сограѓани.

Пратеникот Мартин Костовски, на својот фејсбук-профил вчера објави дека во Основниот суд-Куманово е донесена пресуда со која се утврдува граѓанска одговорност за навреда и клевета на пратеникот Бране Петрушевски.

„Во неколку наврати ме навредуваше и изнесуваше невистини и клевети за мене, како негов колега и мора да признам дека ме повреди многу. Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот. Тој не е осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборува невистини, лаги и навреди“, се вели во објавата на Костовски.