И во Карпош членови на ВМРО-ДПМНЕ бараат вонреден конгрес


Малку по малку се зголемува притисокот врз Христијан Мицкоски да поднесе оставка на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ и да се закаже вонреден конгрес на партијата. Денеска тоа го направија дел од членовите на Општинскиот комитет на Карпош. Во нивно име зборуваше Сашо Лазаревски, кој  нагласи дека Мицкоски на изборите загубил во својот месен комитет, меѓу граѓаните кои најдобро го познаваат.

„Вистината е дека во Карпош освоивме мал број гласови, речиси 5.000 гласа помалку од минатите парламентарни избори. Вистината е дека Мицкоски загуби во неговиот матичен општински комитет. Вистината е дека Мицкоски загуби и во неговиот месен комитет и на неговото избирачко место. Мицкоски загуби меѓу граѓаните кои најдобро го познаваат“, рече Лазаревски.

Според него, „вината за изборниот пораз има точно име, презиме и адреса. Тоа е Христијан Мицкоски и неговото раководството“.

Другиот дел од Општинскиот комитет ги отфрли ваквите барања. Според објавата на Фејсбук, ОК одржал седница во проширен состав и оние што бараат вонреден конгрес, според усвоениот речник од врвот на партијата, беа наречени „Мериот и хотелска коалиција“. Раководството вели дека Сашо Лазаревски е кум на Никола Тодоров и дека заедно работат за слабеење на ВМРО-ДПМНЕ и за помош на „неспособната влада на Зоран Заев“. Потоа, се наведува дека се оградуваат од нивните барања и тврдат дека „речиси сите зад говорникот или никогаш не биле или не се членови откако ВМРО-ДПМНЕ е опозиција“.