И во Германија ќе се експериментира со универзален основен доход: 1.200 евра месечно, три години, без работа

Германските економисти и активисти го започнаа првото долгорочно истражување за универзален основен доход кое би можело да помогне во изнаоѓање решенија за последиците од корона кризата, објави германскиот институт за економски истражувања DIW.

Како дел од истражувањето, испитаниците три години ќе добиваат по 1.200 евра месечно, објави во вторникот ДИВ, пишува Новац.хр.

Во првата фаза во истражувањето ќе бидат опфатени 120 учесници кои ќе бидат избрани по случаен избор, објасни институтот поканувајќи ги заинтересираните граѓани да се пријават да учествуваат. До крајот бројот на учесници треба да се зголеми на 1.500.

До средата претпладне, повеќе од 480.000 граѓани веќе се пријавиле да учествуваат, според веб-страницата „Пилотпроект Грундкомен“.

ДИВ спроведува истражувања во соработка со здружението Mein Grundeinkommen (Мој основен доход) и со истражувачи од Институтот Макс Планк и Универзитетот во Келн.

Парите ќе се добијат преку приватни донации, а приходот ќе започне да се исплаќа на пролет следната година.

„Сакаме да знаеме како (основниот доход) влијае на нашето однесување и ставови и дали може да ни помогне да се справиме со тековните предизвици во нашето општество“, вели иницијаторот, Мајкл Бомејер.

Претставувајќи го проектот, истражувачот на ДИВ, Јирген Шуп, истакна дека истражувања за темелниот доод се веќе спроведени во целиот свет, но резултатите од нив биле ограничени.

„Или се застарени, или не можат да бидат генерализирани, или ги проучуваат основните приходи само за невработените. Во овој контекст, ние навистина отвораме ново поле за истражување во Германија “, рече Шуп.

Кога станува збор за основниот доход, досега дебатата главно се однесуваше на тоа дали ќе се мотивираат луѓето да се вклучат повеќе во економијата и општеството или ќе се поттикне мрзеливост.

Високите трошоци за таква програма се исто така контроверзни. Така, плаќањето од 1.000 евра месечно во Германија, кое има население од нешто помалку од 83 милиони, би чинело речиси 1.000 милијарди евра годишно.

Германските државни расходи во моментов се нешто помалку од 1.500 милијарди евра, според Федералното биро за статистика Дестатис.