И во Аеродром советниците потпишувале изјава со „Република Македонија“
Може ли свечените изјави на советниците во општините да станат сериозен надворешно-политички проблем и спомнувањето на „Република Македонија“ од инцидент да се претвори во општа пракса.
По вчерашниот случај во Советот на Штип, денеска сите советници од Аеродром, и од власта и од опозицијата, ја потпишале свечената изјава со името „Република Македонија“.
Образложението за ваквата постапка е членот 38 од Законот за локална самоуправа во кој е нaведено дека ќе го почитуваат Уставот, законот, прописите на советот и ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија.
Министерството за надворешни работи реагираше и побара од советниците да го почитуваат уставното име Република Северна Македонија.
Според министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, во законот сѐ уште стои името „Република Македонија“, затоа што тој не бил изменет. Новото уставно име треба да биде наведено во измените, но тие сѐ уште не биле доставени до Собранието со образложение дека двотретинското мнозинство за нивно усвојување сега е речиси невозможно да се постигне.