И ВМРО-ДПМНЕ ќе оди во самоизолација


Фото: Б. Грданоски

Откако министерот Венко Филипче објави дека и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е ставен во самоизолација, бидејќи бил блиску до заразен новинар, во партијата се тестирале сите што биле во контакт со него, но без оглед на резултатите, се подготвуваа за десетдневна изолација.

-Ние презедовме се да се заштитиме. Во штабот престојуваме со маски и имаме сретства за дезинфекција. На влезот , на пријавницата, на сите што влегуваат им се мери температурата, изјави Димче Арсовски, портпарол на партијата.

Тој им посака негативни резултати и на двата лидера.

-Во партијата сите што биле во контакт со Мицкоски се тестирани и нивните тестови се негативни. Се преземаат сите препораки од медицинските лица, рече портпаролот додавајќи дека ќе се искористи продолжениот полициски час и претстојните празници, луѓето да останат дома.

Според информации од партијата Мицкоски за изложеноста на корона вирусот дознал  официјално, по јавувањето од Институтот за јавно здравје синоќа, кога и бил спроведен тестот.

Во СДСМ нема конкретна одлука што натаму, освен пораката дека во партијата ќе ги почитуваат сите мерки што ги предлагаат надлежните институции. Како и сите граѓани, нема дилема, велат тие, дека Зоран Заев ќе ја испочитува самоизолацијата, со додавка дека многу од нив биле во контакт со лидерот изминатите денови. Некои самоиницијативно се ставиле во самоизолација.

-Се врши редовна лична дезинфекција, поставени се соодветни средства за оваа намена секаде, се прави редовна дезинфекција на сите простории, се почитува физичката дистанца, како и насоките за носење заштитна опрема, како маска и ракавици, а сите вработени што можат работат од дома.
Како што соопштивме, соодветни заштитни мерки беа преземни и за време на интервјуто, а по добиените информации, согласно протоколите, претседателот Зоран Заев е веќе во самоизолација, без симптоми и во добра здравствена состојба и денеска изврши тестирање за присуство на вирусот ковид-19, по што се очекуваат резултатите и следните чекори“, велат од СДСМ.

Во моментов се одржува вонредна консултација меѓу стручниот тим на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за да се утврдат следните чекори во однос на заштита и изолација,пред се поврзано со СДСМ и власата,а во зависност од резултатот од тестирањето.