И вечерва протест за Онкологија, се бараат имиња на инволвираните во скандалот со лекови
Онколошки пациенти протестираа пред Јавното обвинителството по скандалот со наводна злоупотреба на цитостатици на штета на пационтите. Tие бараат имиња и презимиња на инволвираните во кражбата на лекови, за да не се сомневаат во чесните доктори.
„Ние пациентите сакаме да се знае вистината. Кога овој бизнис почнал, кој допрел со прст до овој бизнис, кои луѓе биле инволвирани, кои лекарства биле инволвирани. Ако треба да се оди и до 20 години наназад и сите 13 министри за здравство нека бидат викнати, сите поранешни директори. Да се осигураме дека нема да се случи повторно ваков скандал“, рече пациентка во изјава за медиумите на протестот.
Друга кажа дека денес е 10-годишнина од смртта на нејзиниот татко кој бил онколошки случај.
„Сите имаме изгубено некој. Нема фамилија ми се чини која немала онколошки пациент. Цел ден се прашувам дали направивме се што требаше да направиме за да го спасиме, по сите овие информации“, рече таа.
Денешниот протест уследи по вчерашниот пред Владата и Обвинителството на кој се собраа повеќе граѓани кои бараа оставки и извикуваа „Убијци“, што предизвика реакција на јавноста и на Лекарската комора поради ваквите генерализирања и атмосферата на линч.