И Унгарија ги затвора границите, нашинци има заглавено и во Перу


Илустрација - Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, изјави денес дека според информациите што ги има и Унгарија ќе ги затвори границите со што враќањето на македонските граѓани кои се уште се наоѓаат во странство дополнително ќе се отежне. Тој рече дека уште чека потврда за информацијата и повторно апелираше до сите наши граѓани да ги одложат патувањата во странство.

„Правиме се што можеме да ги вратиме нашинците што се заглавени на некоја од границите, но граѓаните мора да знаат дека ние немаме контрола врз премините на странските држави. Ситуацијата се менува од час во час и станува се поригидна“, посочи Димитров.

Тој рече дека македонски граѓани има насекаде во светот – неколкумина дури се јавиле и од Лима, во Перу, има семејства што се во Виена, Австрија, во Њујорк и тн.

Групата граѓани кои беа вчера на граничниот премин Хоргош на унгарско – српската граница кои се пренасочија преку Романија и Бугарија, почнаа да пристигнуваат на граничниот премин Деве Баир, каде што се пречекуваат од надлежните служби и ги минуваат процедурите поврзани со мерките за корона вирусот.

„Правиме се што можеме, но немаме свои авиони, можеме да помагаме само преку други. Вчера до два часот утрото се обидувавме да ги извлечеме граѓаните од Хоргош. Една мала група успеавме да извлечеме и од Хрватска кои беа со автомобили. Нема да престане овој напор додека не се извлечат сите наши граѓани“, рече Димитров.