„И тело и душа“ – концерт на Филхармонијата со пијанистот Дино Имери


„И тело и душа“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата, на кој како солист ќе настапи пијанистот Дино Имери, а со оркестарот ќе диригира Јерухам Шаровски од Израел.

На програмата е Бетовеновиот Концерт за пијано и оркестар бр.5 во Ес-дур, меѓу најчесто изведуваните дела на светската музичката сцена. Создаден е меѓу 1809 и 1811 година во Виена и, како  што информира Филхармонијата, претставува соврешен премин од класицизам во романтизам, сублимирајќи ги придобивките од двете музички епохи.

На концертната програма е и Седмата симфонија во А-дур, оп.92 од Лудвиг ван Бетовен која  премиерно била изведена во Виена во 1813 година. Таа го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадена во период кога имал големи проблеми со слухот.

-Самиот композитор сметал дека оваа е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот или, како што рекол Вагнер „ако некој ја слуша Седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“, наведува Филхармонијата во најавата за концертот.

Солистот на концертот, пијанистот Дино Имери (1990), се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари, кој остварил многубројни настапи во земјва и во странство.

Јерухам Шаровски, пак, во својата кариера диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 земји. Широк е неговиот репертоар и во оперските изведби, а во последните години тој гради и успешна кариера во областа на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот.