И ССМ стана дел од политичките пресметки, најавува блокада на скопски „Водовод“

Да се разреши в.д. директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје, Марјан Митовски, поради кршење на работничките права, побараа денеска од репрезентативниот синдикат за комунални дејности при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
„Ги повикувам и градоначалничката и Советот на Град Скопје, а денеска ќе повикаме и на итна седница на Управниот одбор на ’Водовод и канализација‘ да го разреши овој човек кој уште неседнат како вршител на должност прави раздор и селекција на вработените и не си ги извршува работните задачи согласно закон и колективен договор. Градоначалничке, Совет на Град Скопје, немојте да дозволите како што вчера што немавте градски превоз да се доведете да немате ниту вода за пиење во Градот Скопје“, рече првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференција пред просториите на скопски „Водовод“.
Одговарајќи потоа на новинарски прашања, тој се дообјасни дека Синдикатот не се заканува дека ќе го прекине водоснабдувањето за скопјани туку дека тоа може да го направат незадоволни работници.
„Ние не викаме дека ќе го прекинеме снабдувањето со вода, велиме да не се доведе во ситуација како незадоволни работници да го направат тоа, да не дојдат на своите работни места“,рече Димовски.
Од Синдикатот велат дека се револтирани од односот на в.д. директорот кон вработените бидејќи се распределуваат на несоодветни работни места кое не им се предвидени со договорот за работа. Од Синдикатот тврдат и дека решение за незаконско постапување донеле и државните инспекторати.
„Не може хидроинженери да праќаме по чуварски куќички, не може возачи на специјални возила да седат во базата и да не работат ништо затоа што не му се допаѓаат на в.д. директорот. Ова како репрезентативен синдикат за комунални дејности, го пријавивме до државниот управен инспекторат и до државниот трудов инспекторат. Известувањата и решенијата што ги добивме јасно кажуваат дека директорот Марјан Митовски работи противзаконски и ги крши работничките права. Го доставивме до него, но наместо да ги врати работниците онаму каде кажува договорот за работа, тој и понатаму ги игнорира решенијата на инспекторатите“, вели Димовски.
Исто така, според нивните изјави, има и извршни судски решенија кои ги добиле вработените да се вратат на работа, но директорот не ги враќа.
Рокот за да се средат работите е до среда, а во спротивно му се заканува блокада на ова јавно претпријатие.
ССМ имале средба со Митовски, меѓутоа неговата директорка за правни прашања го советувала дека тоа што го прави е исправно и нема ништо противзаконски. Дополнително, според тврдењата од ССМ, вработените добиле најава од раководството дека ќе се рационализираат работните места додека од друга страна во претпријатието се отвораат непотребни директорски места за луѓе на Митовски.
„Нека повели, нека рационализира со неговите два шефа на кабинет. Кој има технички директор, па извршен, па ваков, таков. Што е тој? Па тој е извршен директор. Имаме измислени директорски места и се ставаат негови луѓе, рече Димовски.
Митовски е директор на „Водовод и канализација“ од 13 септември годинава. Градоначалничката Данела Арсовска го назначи на функцијата откако еден ден претходно од таа функција го разреши Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи го за самоволие и обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица.