И според Светска банка заштитата од пожари во тетовската болница била надлежност на директорот


Фото: Б. Грданоски

Планот за заштита од пожари требало да го изработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, изјавиле од Светска банка за Дојче веле, по пожарот во модуларната болница кој однесе 14 човечки животи.

Тендерот за изградба на тетовската, како и на останатите 16 модуларни болници ширум земјата во октомври 2020 година беше спроведен согласно домашната регулатива и правилата на Светска банка, од каде македонската влада зеде заем од 3,8 милиони евра. 

Од Општина Тетово веќе излегоа со тврдење дека тие немале никаква надлежност во фазите од изградбата и контролата на објектот. Од надлежните во болницата досега немаше никаква реакција што се должи и на тековната истрага во која се опфатени.Сведоци на трагедијата, која се случи на 8 септември и во која настрадаа 14 луѓе, за ДВ тврдеа дека во модуларната болница немало ни противпожарни апарати, па пожарот првично се гаснел со пластични садови за вода.Истрагата ќе треба да утврди дали ова тврдење на очевидците е точно, а во меѓувреме на оваа тема остануваат да сведочат официјалните документи и ставовите вклучените во проектот. 

„Проектната листа за изградба на модуларните болници вклучуваше конкретни мерки фокусирани на заштита од пожари и подготвеност за итни случаи за време на изградбата, а исто така постоеше обврска да се воспостави ‘План за заштита од пожари’ на почетокот на работата на објектот“, објаснува за ДВ претставник на Светска банка. Тој план требало „да се изработи и спроведе од назначениот болнички персонал под одговорност на директорот на болницата“, дополнуваат оттаму.

Од Светска банка не сакаат да коментираат во врска со техничките спецификации на проектот по кој се градени модуларните болници во земјата. Во македонската јавност, имено, имаше критики поради користењето на ткн. ПУР материјали за ѕидовите и кровот на модуларните болници, кои важат за лесно запаливи и брзо горечки.