И социјалистите ќе го вратат мандатот веднаш, Бугарија оди на нови избори


Лидерката на БСП Корнелија Нинова

Веќе е сигурно дека Бугарија ќе оди на нови избори откако денеска врвот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) на затворен пленум одлучи да му го врати мандатот на претседателот Румен Радев веднаш кога тој ќе им го врачи на 5 мај. Лидерката на партијата, Корнелија Нинова, повеќе била наклонета и за партиска и за експертска влада, но огромното мнозинство во раководството било за враќање на мандатот.

Според законските одредби по три неспешни обиди да се состави влада претседателот Радев мора да назначи службен кабинет кој ќе ги спроведе изборите веројатно на 11 јули. Бугарските медиуми како технички премиер го споменуваат Стефан Јанев, секретарот за безбедност на Радев. Од распуштањето на парламентот до одржувањето на изборите треба да поминат два месеци.

Нинова пред новинарите ги обвини трите протестни партии кои влегоа во парламентот дека ја намалиле политичката култура и создале атмосфера на секој против секого. Дека кај нив е одговорноста што ќе се оди на нови избори и дека со таквата нивна политика му помагале на Бојко Борисов да остане на власт. (Н.В.)