И со настап и со изглед – Каролина шармираше на регионалното музичко шоу „МАС“ во Белград (видео)


Синоќа белградската Штарк Арена беше епицентарот на регионалната музичка сцена, каде започна третото издание на спектакуларното музичко шоу „Music Awards Ceremony” (МАС), во организација на Skymusic . Настапија Констракта и „Земља грова“, „Рибља чорба“, Јелена Розга, Емина Јаховиќ, Ацо Пејовиќ, Саша Матиќ, Халид Бешлиќ, „Лексингтон бенд“, Петар Грашо, Сара Јо, Тончи Хуљиќ, Каролина Гочева и „Џокер бенд“. 

Импресивна сценографија, најсовремени светлосни и аудио-видео ефекти, сцена која зафаќа 2,5 километри, беа само дел од продукциските елементи на настанот. 

Каролина Гочева ја испеа на српски јазик „Од небо до дно“ качена на платформа, а заедно со хрватската поп-ѕвезда Петар Грашо доделија и награда за најдобра рап хип-хоп песна. Според дрес-кодот на гала настанот поп-ѕвездата беше елегантна во црна тоалета со длабоко деколте и голем блескав син гердан во боја на високите салонки. 

Гочева беше дел и од првата MAC церемонија, кога беше наградена за етно светски музички изведувач.

Гочева во два стајлинга со потпис на Јована Филиповиќ и Јована Зука, за шминката беше задолжен Дадар , а за фризурата Октај Сејди
Водителите Јелена Гавриловиќ и Тончи Хуљиќ

Ништо помалку не се очекува и денес на вториот ден, кога најголемите музички идоли на новиот музички бран, со поддршка на домаќинската двојка Мими Мерседез и Војаџ, ќе ја доведат атмосферата во Арената до трескавично ниво. Изведувачи чии настапи публиката со нетрпение ги очекува се Нуќи, Теодора, Црни Церак, Лацку, Николија, Девито, Цоби, Милица Павловиќ, Зера, Сергеј Пајиќ, Сајфер, Махрина, Амна, Мими Мерцедез, Албино, Вераја и бендот „2Б“…

Јавноста се уште може да гласа за своите фаворити во категориите за кои ќе се доделуваат наградите вечерва на полноќ. Гласањето се одвива преку официјалната веб-страница на MAC и преку апликацијата eFiniti.