И синовите на убиениот битолчанец бараат слобода и правда за нивниот дедо

Мирен протест на битолчани пред Основниот суд. Тие велат дека дедото го убил поранешниот зет во самоодбрана


Од протестот пред судот (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – И двајцата синови на убиениот Стојанче Соколов денеска беа со стотиците битолчани и бараат правда и слобода за нивниот дедо Тони Ѓорѓиевски – Фердо (62) кој завчера во одбрана на своето семејство го уби зетот од ќерка.

Тони Ѓорѓиевски од вчера е во притвор откако ОЈО го сомничи за убиство со умисла оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да влијае врз сведоците. Во моментот на убиството во домот на Ѓорѓиевски биле шест лица, кои биле потенцијална мета на зетот кој се заканувал со мачета.

Битолчани денеска се собраа пред Основниот суд на мирен протест и порачаа дека станува збор за самоодбрана за што постои видео од чинот на убиството. Домот на Ѓорѓиевски бил целосно под видеонадзор.

„Убиството се случи во самоодбрана, дојде со намера да нѐ отепа. Проблемот го имавме повеќе од 20 години. Пријавуваме и во полиција и во Социјалното. Беше консуматор на дрога, пиеше. Ги малтретираше и тепаше дома, имаше закани кон мене, кон сестра ми, кон внуците. Полицијата знаеше за криминалите и за убиството што тој го направи. Пред да се случи ова сестра ми имаше закани и од својот дом буквално со трчање дојдоа кај нас. Сестра ми кажа – овој пат е решен!  Немаше друго решение јас бев буквално до татко ми, кога ја скрши вратата видов зомби, не човек, нѐ нападна со ножот, пукна татко ми со пиштолот, падна на земја и толку“, раскажа Јове Ѓорѓиевски (31), синот на Тони на денешниот мирен протест.

Синот вели дека неговиот татко е 62-годишен човек и нема намера да бега од државата.

„Ако сакавме да направиме бегство немаше јас лично да повикам полиција и брза помош, оти никој не сакаше да умре, ама немавме друго решение освен да пука. Ако не пукаше татко ми, сега ќе имаше многу жртви, убиениот беше подготвен и децата да си ги отепа“, рече тој.

Семејството Ѓорѓиевски смета дека не е праведно што дедото се сомничи за „убиство со умисла“.

„Сакам да ги прашам судиите како ќе реагираат тие некој да им влезе дома, да гледаат дека некој иде со намера да те отепа? Како ќе реагираат тие во моментот кога знаат дека дома имаат оружје? Сакам одговор како би постапиле тие кога би гледале дека некој ви го напаѓа чедото и сака да го отепа?“, рече синот Јове. 

Семејството Ѓорѓиевски им искажа благодарност на битолчани за поддршката на протестот и социјалните мрежи бидејќи од првиот момент искажале солидарност со дедото Тони. Најавија нови протести.

„Ја очекувавме ова поддршка од битолчани, зошто нашата фамилија се чесни луѓе. А за убиениот знаат каква личност беше. Ќе одиме на нови мирни протести и ќе бараме правда. Контактиравме со Хелсиншки комитет“, рече, Дејан Ѓорѓиевски, роднина на дедото.

Убиството се случи во понеделникот рано утрото. Според обвинителството сега починатиот, вооружен со мачета, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „бајкал“ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па Стојанче паднал и починал на лице место.