И Шведска порача – сега е моментумот за членство во ЕУ

Посета на Скопје на министерката за Европа на Шведска, Јесика Росвал


Министерката за Европа Јесика Росвал и вицепремиерот Бојан Маричиќ

 

Евроинтегративниот процес, билатералната развојна помош што Шведска и ја дава на Северна Македонија и стратешките цели на двете држави, биле теми на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со шведската министерка за ЕУ и нордиска соработка, Јесика Росвал.

Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Маричиќ на средбата посочил дека посетата на Росвал за време на шведското претседавање со Советот на Европската унија, е од голема политичка важност за нашата земја, укажувајќи дека заложбата на Шведска за проширување на ЕУ е важна и за нашиот напредок во процесот на преговори. 

Соговорниците оцениле дека Шведска континуирано дава поддршка на европскиот пат на Северна Македонија и има голема улога во напредокот на реформската агенда, но дека сега е најпотребно да се задржи Северна Македонија на европскиот пат.

„Шведска е наш вреден партнер, политички, развоен и финансиски поддржувач на патот кон ЕУ. Постојаната поддршка што Шведска ја дава на нашата држава во евроинтегративниот процес ја докажува важноста на сојузништвото и партнерство меѓу двете земји“, истакнал Маричиќ.

Росвал посочила дека Шведска продолжува да дава континуирана поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, преку остварување на целите дефинирани со Стратегијата за реформска соработка 2021-2027 година, но дека останува на нас да ги спроведеме домашните задачи и обврски што произлегуваат од Преговарачката рамка, со заеднички консензус околу прашањето за европската перспектива на земјата. Росвал нагласила дека политичкиот моментум за проширување на ЕУ треба да се искористи и да се направи нов исчекор кон ЕУ.

На средбата, како што се наведува во соопштението, е разговарано и за модалитетите и насоките на развојната соработка, како една од целите да ѝ се помогне на Северна Македонија да се приближи до Европската унија.

Маричиќ се заблагодари на Росвал за шведската поддршка во обезбедувањето финансиска помош за постигнување на реформски резултати во клучни области како владеење на правото, демократски институции, слободни медиуми, економијата и во борба против корупцијата, се наведува во соопштението.

Росвал беше примена од шефот на државата, Стево Пендаровски. Според соопштението од неговиот кабинет на средбата се разговарало за европските аспирации на Северна Македонија, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина. 

Пендаровски изразил благодарност за доследната политичка и финансиска поддршка од Шведска за македонските евроинтеграции. 

Претседателот ја реафирмирал поддршката од Северна Македонија за скорешно членство на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за севкупната стабилност на европскиот континент.