И шпанскиот премиер Санчез не знае каде заминал Хуан Карлос


Шпанскиот премиер изјави дека не знае каде се наоѓа Хуан Карлос, еден ден откако поранешниот крал објави дека ја напушта земјата и покрај извештаите во медиумите кои сугерираат дека е во Португалија или во Доминиканска Република.

На прес-конференцијата по претседателството на Кабинетот во вторникот, Педро Санчез им рече на новинарите дека „нема информации“ за тоа каде се наоѓа Хуан Карлос.

Хуан Карлос рече дека ја напуштил земјата поради тековниот скандал за наводното затајување данок. Овој потег се случи откако шпанските медиуми објавија дека тој од Саудиска Арабија добил 64,8 милиони евра во 2008 година преку оф-шор сметка. Даночните власти во Швајцарија му дадоа информации на шпанскиот судски систем за финансиските постапки на поранешниот крал, што доведе до прашања во врска со неговите активности по јуни 2014 година, кога тој абдицираше и го изгуби имунитетот.

Запрашан во неколку наврати да разјасни која земја поранешниот крал би ја избрал за своја нова резиденција, Санчез рече: „Она што е важно е што Хуан Карлос рече дека ќе биде на располагање на обвинителската служба и правдата“.

Санчез инсистираше на тоа дека треба да ја заштити „доверливоста“ на неговите разговори со кралската палата Зарзуела и дека сите прашања во врска со локацијата на поранешниот крал треба да бидат одговорени од кралското семејство. Тој не појасни дали шпанските даночни обврзници ќе плаќаат за безбедноста на Хуан Карлос додека е во странство.

Премиерот ја поддржа одлуката донесена од поранешниот крал и инсистираше на тоа дека Шпанија „има потреба од стабилност и стабилни институции“.