И шпански општини ќе помагаат Аеродром да стане почист
Градоначалникот Тимчо Муцунски денеска во просториите на Општина Аеродром ги пречека градоначалниците на две општини во Валенсија, Шпанија – Винсент Зарагоза Алберола, градоначалник на градскиот совет на Сиља и Бартоломе Нофуентес Лопез, советник во општината Кварт де Побле.
На средбата во организација и посредство на Делегација на ЕУ, градоначалниците имаа можност да ги претстават своите општини и да ги презентираат проектите кои се предвидени и се спроведуваат, а се поврзани со прашања за животната средина.
Истовремено, тие ја истакнаа заедничката заложба за интензивирање на соработката и размена на идеите и искуствата за сите проекти кои можат да бидат од значење за граѓаните. Како две шпански општини кои се вистински успешни примери и лидери во процесот на селекција и рециклирање на отпад, беше договорена засилена и интензивна соработка помеѓу администрациите на општините, размена на позитивните искуства и примери, како и менторство во имплементација на сите слични идни проекти во Општина Аеродром.
По средбата, претставници од шпанската општина Сиља имаа можност пред вработените во општината да ги презентираат уникатните решенија кои тие ги имаат преземено за справување со проблемот со отпадот, како и за можностите за соработка кои можат да се искористат за имплементација на овие идеи и во Аеродром.
Нашата општина претходно се стекна со грант од Европската Унија во рамки на Програмата „ЕУ за општините“. Овој договор е дел од исклучително голем проект за управување со отпад во вредност од околу 600.000 евра, а со што значително ќе се подобри управувањето на општинско ниво.