И полицискиот час се исполитизира


Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денес на прес конференција соопшти дека настанот во Ченто има политичка позадина и дека МВР е решено да постапува неселективно во однос на сите што поттикнуваат или не го почитуваат полицискиот час.

-Во изминатиот период граѓаните соработуваа со полицијата, ја поддржуваа и помагаа. Таа соработка е многу важна и даде значителен приденос во работата на полицијата. Но, вчерашниот настан говори за однесување спротивно од претходно кажаното.Политичката позадина не го оправдува ова поведение и зборува за тендензиозно загрозување на граѓаните предизвикано од политички побуди. Граѓаните свесно се изложија себеси на ризик што може сите нас скапо да не чини, изјави Чулев.  Тој потоа даде деталји за настанот.

Според него, на социјалните мрежи во 21 часот  се појавиле фотографии за  групирање на граѓани на улицата „Алија Авдовиќ“,по што била извршена контрола во тој реон. Кога пристигнале полициските службеници забележале група од 8 лица кои почнале да бегаат, а тројца останале, по што биле лишени од слобода и спроведени во полициската станица во Гази Баба. Едно од лицата притоа се преставил како член на Советот на општина Гази Баба од СДСМ за да изврши притисок да не биде лишен од слобода, но според Чулев поднесени се кривични пријави за сите тројца за сторено кривично дело според членот 206 од Кривичниот законик.

Околу 22 часот, додаде Чулев, биле информирани дека на местото каде што биле лишени од слобода тројцата граѓани се собрала поголема група луѓе како реакција на лажна информација дека приведените биле физички малтретирани и лишени од слобода.

-Потенцирам дека двете информации не се точни, а тоа го потврдија и тие самите, порача Чулев, додавајќи дека сите тројца се ослободени.

Тој потврди исто така дека градоначалникот на Гази Баба дал изјава дека ќе ги ослободи притворените, но му порача дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани во државата и секаде каде што се прекршени законските одредби постапува, па така за сите тројца се поднесени кривични пријави.

Чулев најави исто така дека ќе се прегледаат видео снимките од настанот и ќе следат пријави и за тие што учествувале и го поттикнувале протестот во Ченто.

Дека постапува неслективно Чулев го спомена случајот со Оливер Ристески од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Могила кој бил закетнат како краде дрва за време на полициски час и тој случај бил наведен во билтенот на МВР пред два дена.
Тој и уште тројца други мажи биле лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава од полицијата.