И покрај високите субвенции, бројот на тутунари и производството на тутун се намалува


Многу фаворизираниот девизен прилив од извозот на тутун и пијалоци (193 милиони евра во 2019 г.) е засенет од количината на увезена храна (664 милиони евра)

 

Субвенциите за тутун во Република Северна Македонија имаат најголемо учество во БДП и во расходите на централниот буџет во споредба со субвенциите за други култури и сочинуваат четвртина од вкупните земјоделски субвенции.
Аналитика тинк-тенк заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго оваа година спроведе големо истражување од кое произлезе првата студија во Северна Македонија што дава сеопфатни информации за економскиот ефект на субвенциите за тутун во земјата.
„Анализите покажуваат дека субвенциите за тутун имаат доминантна улога, односно изнесуваат приближно една четвртина од вкупните земјоделски субвенции и околу 40 отсто од субвенциите за растително производство“ – изјави Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика.

Таа додаде дека милиони евра се трошат за субвенции за тутун додека увозот на храна се зголемува. Земјата извезува свеж зеленчук и овошје, а потоа троши милиони за увоз на поскапи обработени (замрзнати или конзервирани) верзии на истите производи. Така, многу фаворизираниот девизен прилив од извозот на тутун и пијалоци (193 милиони евра во 2019 година) е засенет од количината на увезена храна (664 милиони евра во 2019 година).

Бојана М. Христовска од Аналитика го истакна проблемот на постојаното зголемување на субвенциите за тутун кое ги мотивира тутунарите да одгледуваат повеќе тутун за да добијат повеќе субвенции, иако не се сигурни дека ќе можат да го продадат произведеното количество. Ова нарушување често генерира големи количества вишок на тутун, што ги намалува цените. Таа додаде дека и покрај големите субвенции, одгледувањето на тутун е во опаѓање, а приходот што го произведува е недоволен.

Бројот на одгледувачи на тутун бележи опаѓачки тренд, почнувајќи од 2010. Во 2020 година бројот на одгледувачи на тутун (19.702) е помал од половина од одгледувачите на тутун во 2010 година (42.622). Овој период се карактеризира со широка миграција од село во град и напуштање на одгледувањето тутун бидејќи тоа е исклучително трудоинтензивно. Помладите генерации не се особено заинтересирани за одгледување на тутун и се преориентираат кон други професионални активности.

Податоците говорат дека производителите на тутун имаат просечен месечен приход од 416 евра во споредба со просечната месечна нето плата во Северна Македонија од 463 евра, заклучно со април 2021 година. На четиричлено семејство му требаат просечно 552 евра за покривање на основните месечни трошоци (вредноста на минимална потрошувачка кошничка за домаќинствата во април 2021 година). Така, едно тутунско домаќинство има 136 евра помалку од тоа што му е потребно за да преживее месечно, што е повеќе од просечниот месечен дефицит на домаќинството.

Борче Треновски: 30 проценти од интервјуираните производители на тутун се подготвени да го пренасочат своето производство

Професорот Борче Треновски, укажа на фактот дека глобалната побарувачка за цигари се намалува, што веќе доведува до намалување на побарувачката на листови на тутун и цените на тутунот. Северна Македонија не е исклучок од овие светски трендови и ќе биде директно погодена од нив.

Тој додаде дека 30 проценти од интервјуираните производители на тутун се подготвени да го пренасочат своето производство во согласност со барањата што може да се јават за време на процесот на пристапување во ЕУ. Владата треба да работи на едукација и информирање на тутунарите во Северна Македонија за потребата од пренамена кон други култури. Министерството за земјоделство и другите релевантни институции треба да спроведат темелна анализа за да се најдат култури кои генерираат висока вредност и можат да помогнат да се замени тутунот. Помалку одгледување на тутун значи помалку исплати на субвенции за тутун, а разликата може да се распредели за инвестирање во култури со повисока вредност.

Регионалното истражување е во рамките на проектот „Унапредување на даночните политики за тутун во земјите со низок и среден доход, финансиски поддржан од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) – Институт за истражување и здравствена политика.