И покрај корона кризата „Ербиенби“ излегува на берза


Компанијата за споделување сместувачки услуги „Ербиенби“ (Airbnb) соопшти дека поднела барање за излегување на берза, по многу нестабилната 2020 година кога поради глобалната криза од пандемијата на корона вирусот, профитот се преполовил во однос на претходната година, пишува „Стартит“.

Се шпекулира дека одлуката била под влијание на работниците кои се вработени во компанијата уште од самиот почеток, чии акции компанијата ги „заклучила“ во 2011 година, така што тие не се во можност да ги продадат и да ги менуваат работните места, да основаат семејства, да купуваат недвижнини…

Минатата година „Ербиенби“ конечно објави дека ќе излезе на берза во 2020 година, така што очекувањата на акционерите се дека тоа навистина ќе се случи. Сè уште не е познат бројот на акции што ќе се понудат, како и нивниот ценовен опсег.

Пандемијата го намали приходот од вкупниот број на изнајмени простории за една милијарда долари речиси преку ноќ, а кога компанијата процени дека приходите од 2019 година, кои изнесуваа 4,8 милијарди долари, ќе бидат преполовени, решија да отпуштаат приближно 2.000 работници и да се префрлат на кризно финансирање.

Ербиенби“ најверојатно ќе мора да ги убеди инвеститорите дека е во состојба брзо да се врати на претходната стабилност и дека ќе може да се прилагоди на новата реалност. Сепак, некои видови патувања, како што се одмори во странство, службени патувања и какви било големи настани, нема да се вратат во скоро време.

Компанијата соопшти дека очекува некои потешкотии сè додека не заврши пандемијата, но верува дека тоа ќе се надмине на пазарот што остана силен и покрај економското уништување. Индексот S&P 500 неодамна достигна рекордно високо ниво, додека технолошката компанија „Епл“ стана првата американска компанија со пазарна вредност проценета на 2.000 милијарди долари.

Во мај, приходите на компанијата повторно почнаа да растат, бидејќи луѓето ширум светот решија летото да го поминат во приватно сместување, а во текот на јуни и јули успеаја да се вратат на нивото од претходната година.

Друга отежнувачка околност за инвеститорите е огромниот број критики упатени кон компанијата, која од своето основање имаше бројни конфликти со локалните регулаторни тела заради таксите, како и правото на спроведување на нивниот деловен модел.

Членовите на заедницата, од друга страна, ја критикуваат платформата затоа што некои места се претворени во туристички локации, така што цените на изнајмување станови драстично скокнаа, поради што локалното население најмногу страда.