И по договорот во Брисел Александар Николоски останува против проектот за пругата кон Бугарија
Мицкоски вели дека „нема да градиме пруга сѐ додека не биде готов проектот за тунелот од бугарска страна“. Николоски инсистира на заеднички и изводлив проектот
„Овој проект сигурно нема да се работи, дали ќе работиме нов, ќе видиме“.
Така денеска министерот за транспорт, Александар Николоски, ги дообјаснуваше вчерашните разговори и договори во Брисел меѓу официјалните државни претставници на Македонија и Бугарија со функционери на Европската комисија.
Синоќа Герт Јан Копман, од Директоратот за соседство и преговори за проширување, преку Икс соопшти: „Одлични вести: БГ & МК ја потврдија својата посветеност за изградба на железничкиот Коридор VIII на средба на високо ниво со Европската комисија. Поддржана со грантови од ЕУ, оваа железница од Коридорот VIII ќе ја зајакне поврзаноста во регионот“.
Двете земји се согласиле да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот VIII. Дополнително, соодветните министерства ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот.
Николоски денеска изјави: „Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив за изградба на пругата на Коридорот 8 со Бугарија и да се разгледа цената, бидејќи по сегашната цена не можеме да го реализираме“.
Според него, следната средба ќе биде на 31 октомври. „Да видиме што ќе направиме. Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив проектот, како и да се разгледа цената, бидејќи по оваа цена секако дека не можеме да го реализираме. Јас сѐ уште сум против овој проект“, рече Николоски во изјава за Телма пред почетокот на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на асоцијации на контролори на летање и Македонското здружение на контролори на летање
Министерството за транспорт, пак, во официјално соопштение утринава информира дека Владата е силно посветена на изградба на нова железничка мрежа во земјата и дека останува целосно посветена на изградба на источниот дел на железничкиот Коридор 8.
Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект, се додава во соопштението, е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа.
Премиерот Христијан Мицкоски подоцна во изјава за време на посетата во Тетовско ги дообјаснуваше зборовите на вицепремиерот Николоски.
„Нема проект од бугарска страна за половината тунел што тие треба да го градат. Според најавите тој проект најрано треба да биде готов во 2026. И по изготвувањето на тој проект тие ќе почнат да прават проект за преостанатат секција од пругата која треба да се приклучи на постоечката пруга од Коридорот 8. Ние нема да градиме пруга сѐ додека не биде готов проектот од бугарска страна“, рече тој.
Мицкоски тврдеше дека Македонија треба да даде 500 милиони евра за оваа трета делница и да ги плаќаат сите граѓани, што не е точно. Третата секција од оваа пруга треба да чини 560 милиони евра, од кои 210 милиони евра се грантови на ЕУ – 150 милиони преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и 60 милиони преку ИПА. Преостанатиот дел се поволни кредити од европски финансиски институции, меѓу кои, најмногу од Европската инвестици банка (ЕИБ).
Од ЕИБ соопштија дека проектот за оваа делница е дизајниран од меѓународни консултанти за да се постигне најрентабилното техничко решение кое е во согласност со барањата на ЕУ за интероперабилност.
Бугарија е во поповолна ситуација околу трошоците, бидејќи веќе има пруга до пограничното место Ѓуешево, а оттаму до почетокот на тунелот треба да се изградат уште само 2,9 километри. Според проектот, тунелот треба да биде долг 2,3 километри и двете земји треба да изградат по половина од оваа должина.
Премиерот денеска во истата изјава ја сврте работата и кон другата страна. „Бидејќи овој коридор треба да ги поврзе двете пристаништа Драч и Бургас, вистинското прашање е до каде е овој проект во Албанија“, рече тој. (Н.В.)