И Павле Трајанов најавил во Собранието дека ќе дејствува самостојно од СДСМ


Претседателот на Собранието, Талат Џафери, околу критиките на опозицијата дека цел месец нема седница бидејќи владеечкото мнозинство не може да обезбеди кворум, порача дека не е негова одговорност  да обезбеди мнозинство туку пратениците треба да дојдат на работа.

-Сите имаат обврска да дојдат, работата им е професионална и за тоа примаат плата, а друго се нивни калкулации, рече Џафери.  На прашањето дали размислува за јавни опомени, казни, Џафери рече дека според деловникот се казнува за три неоправдани доаѓања, но внимаваат, и такви ситуации нема. 

На прашањето дали  има проблем во пратеничката група на ДУИ, бидејќи очигледно и од нивната група не доаѓаат пратеници, Џафери рече дека очекува да има разврска и во ДУИ и воопшто. Не може, според него, во недоглед да се оди така. 

-Ние добивме сите мандат од граѓаните, без оглед што сме од партиски листи. Граѓаните ќе ценат колку одговараат на довербата што им ја дале, рече Џафери.

Околу тоа дали има најави за излегувања или влегувања во некои други пратенички групи тој одговори потврдно, дека е известен од ЛДП и од Павле Трајанов  дека ќе дејствуваат самостојно. Според него, нема најава за нивно приклучување или формирање други групи бидејќи не гледа логика да излезат од една за да се приклучат на друга, а велат дека сакаат да дејствуваат самостојно. Тој негираше дека има такви најави и од ДУИ. 

Околу иницијативата за собирање потписи на ВМРО-ДПМНЕ Џафери потсети дека им е вратена од формален аспект, поради користењето на името Република Македонија, иако во други иницијативи користат Република С.Македонија. Доколку одеше во процедура, појасни тој, ќе требаше да оди на Законодавно-правната комисија, за  формално да се донесе мислење за  уредноста на иницијативата и за предлогот потоа да се изјасни парламентот. Откако била вратена од формални причини, ВМРО-ДПМНЕ не ја покренале повторно за 15 дена и таа веќе не постои. Тој исто така нагласи дека за тие 10.000 потписи што ќе ги соберат сега треба да изберат преставник кој треба да докаже дека потписите се собрани според законски пропишањата процедура, и ако се исполнети формалните аспекти за неа, односно да се утврди дали потписите се легитимни или не, ќе се изјаснат за нив пратениците на пленум.

Околу првите две иницијативи за интерпелација,за министрите Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски, Џафери навести дека ќе се расправа на првата наредна седница. 

Околу локалните избори тој рече дека според законот се организираат  во последните 90 дена од мандатот и во тие рамки се остава простор за плус или минус неколку денови. така што најран рок е 3 октомври, а најдоцна  10 или 17 октомври. Ако се прифати првиот термин тие треба да се распишат најрано на 5 јули, а најдоцна на 25 јули. Ако гласањето е на 10 октомври ќе се распишат на 12 јули или најдоцна на први август. За евентуални вонредни избори со локалните, што бара опозицијата, Џафери рече дека треба да мислат и на стоте дена технички влада пред нив, поради што ќе бидат потребни две решенија за нивно распишување  – за едните треба минимум 60 дена, за другите над 70 дена пред гласањето. (С.Ј)