И ОТА го демантира Чулев

Оперативно-техничката агенција целосно ги отфрла како невистинити информациите за непримена на одредбите од Законот за Оперативно-техничка агенција, кои беа изнесени од страна на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

– ОТА, во согласност со своите законски надлежности утврдени во членовите 2 и 3 од Законот за ОТА, дејствувајќи како посреднички орган обезбедува технички премин и врска меѓу операторите и овластените органи заради спроведување на следењето на комуникациите врз основа на судска наредба во согласност со Законот за следење на комуникациите и без пристап до содржината на следната комуникација, се вели во соопштенито од ОТА.

Системот за следење на комуникации, информираат од ОТА, е поставен така што единствена посредничка улога за поврзување меѓу операторите овластените органи има ОТА, при што пристапот до овластените органи МВР и АНБ, се остварува преку посебни директни мрежни конекции од своите објекти до активната мрежна опрема во согласност на МВР и во просторот на МВР каде се сместени двете институции.

– Опремата овозможува криптирана комуникација и контрола на сообраќајот и мрежните ресурси врз основа на однапред дефинирани безбедносни правила. Конфигурацијата на истата обезбедува целосно разделување на податоците за секој од овластените органи поединечно, без можност за интеракција и неовластен пристап до сообраќајот и податоците на било кој од овластените органи. Укажуваме дека прашањата поставени од министерот Чулев не беа достапни до ОТА пред одржувањето на конференцијата за медиумите. Доколку ОТА ги добиеше прашањата однапред, по нашиот одговор ќе се избегнеше објавување на неточни и непроверени податоци, кои пак се однесуваат на сензитивна и безбедносно заштитена материја, стои во соопштението од ОТА.

ОТА е самостоен и независен државен орган формиран со закон, кој за својата работа поднесува извештај до Собранието на РСМ. Од нејзиното формирање до денес, во ОТА без никакви забелешки биле спроведени повеќе контроли од надлежните контролни и надзорни тела предвидени во Законот за следење на комуникациите.

– МВР, АНБ и другите овластени органи за спроведување на мерката за следење на комуникации, како и Владата на РСМ немаат својство ниту на контролни, ниту на надзорни тела со што немаат надлежност да вршат контрола над работата на ОТА. Во таа насока, ОТА како и досега инсистира на транспарентност и соработка, охрабрувајќи редовни контроли од страна на надлежните контролни и надзорни тела, се вели во соопштението од ОТА.

Оперативно-техничката агенција, наведуваат во соопштението, е институција формирана пред нешто повеќе од една година, но таа посветено работи кон остварување на своите заложби за изградба на современа, професионална и независна служба преку почитување на уставноста, законитоста и човековите слободи и права, што досега е препознаено и признаено и од страна на меѓународната заедница.