И оние што побарале пролонгирање на стажот, ќе се пензионираат до крајот на 2021


Фото: Б. Грданоски

Границата за пензионирање нема да се зголеми, туку ќе се намали, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција за Предлог-буџетот, одговарајќи на новинарско прашање. Тој рече дека од идната година во пензија ќе се оди со наполнети 64 години, освен во високото образование и во здравството, а исклучок ќе бидат оние кои годинава поднеле барање за пролонгирање на пензионирањето според постојните законски проиписи. Но, и ова право ќе заврши на 31 декември идната година, рече Заев.

„Планот е границата за пензионирање да се намали, законите се веќе во собраниска процедура, каде што е јасно утврдено дека во пензија ќе се оди со 64 години старост, освен во високото образование и во здравството“, рече Заев.

Тој објасни дека имаа и граѓани кои согласно постојниот закон поднеле барање за пролонгираање на одењето во пензија.

Во 2021 година ќе се пензионираат граѓаните кои што тогаш ќе наполнат 64 години. Тие што поднеле барање за да искористат дополнителна година, заради тоа што сегашните закони го дозволуваат, за нив границата ќе биде 31 декември 2021 година, објасни Заев.

„Значи очекуваме оние вработени што ќе наполнат 64 години во јавниот и во приватниот сектор во државата, од 1 јануари до 31 јануари 2021 година да заминат во пензија. Сите други кои што се со 65 години и уште работат, пролонгирале за една година на пример, до 66 години, ќе одат во пензија заклучно со 31 декември. Во законот има клаузула според која нивните права на продолжување на работниот однос завршуваат“, рече премиерот.

Тој верува дека на овој начин ќе се отвори можност за рационализација на средствата во Буџетот, кои според него се значителен износ.

„Очекуваме дека тоа паралелно ќе се случува со реформите како што е во образованието, во здравството, во културата и во многу други ддејности“, рече Заев, додавајќи дека очекува да се отворат и нови работни места за младите луѓе.

Заев нагласи дека е важно што трендот на приходите на Фондот за пензиско и во Фондот за здравствено осигурување дури и во криза е стабилен.

„Тие се важни да гарантираат пензија не само на сегашните, туку и на идните пензионери и верувам дека со таквите политики и јакнење на економијата, стандардот, новите работни места, растењето на платите од кои што доаѓаат и поголеми придонеси, ќе генерираат стабилност на фондовите, на пензискиот и здравствениот, но дефинитивно и зголемување на приходите на државата од работа“, рече Заев.

Инаку, претходно Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, рече  дека според нивните анализи бројката на вработени во јавниот и во приватниот сектор кои до крајот на 2020 година ќе наполнат 64 години е околу 6.000 лица.

„Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно постојното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и по наполнување 64 години, а се однесува на следната календарска 2021 година“, рече Шахпаска.

Таа додаде дека во Собранието веќе се поднесени предлог – измени на Законот за работни односи со кои се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано. (М.Ј.)