И охридските средношколци може да добиваат по 3.500 денари, ако се запишат во стручно училиште


Младите од Охрид и околните општини можат да направат добар избор на средно образование. Од вкупно четири средни училишта во градот, дури три нудат стручна едукација, односно паралелки за профили во повеќе различни струки кои се барани на пазарот на трудот, овозможуваат брзо вработување и добар приход, а со тоа и одржување и развој на локалното стопанство и економската активност во овој дел од државата.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на стручните училишта во Охрид кои во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, организираат отворени денови за идните средношколци и ги запознаваат со придобивките од стручното образование.

„Очекувам и оваа година интересот за струките да биде голем, односно како и секоја година двојно поголем во однос на гимназиското образование, затоа што всушност младите овде ги препознаваат можностите кои ги нуди стручното образование и знаат дека тоа е опцијата која нуди перспектива и добра иднина за нив“, изјави Царовска. Таа додаде дека отворени се повеќе паралелки во угостителско туристичка струка, хемиско – технолошка, сообраќајна, машинска, електротехничка струка и лични услуги и, како што рече, сите се добар и вреден избор.

„Оваа година дополнителен мотив за запишување во стручно училиште треба да биде и јакнењето и проширувањето на концептот на дуално образование. Се работи за концепт подразбира повеќе практична обука во компанија, наспроти изучувањето теорија, што само по себе значи поинтересно и покорисно образование за младите“, рече Царовска, додавајќи дека сменета е и политиката на МОН за стипендирање. За прв пат годинава на секој средношколец запишан во дуална паралелка, доколку ги исполни конкурсните услови, ќе му се додели месечна стипендија во износ од 3.500 денари.

Министерката се заблагодари на општината и на компаниите кои учествуваа во дијалогот за креирање уписна политика која ги задоволува сите засегнати страни, а најмногу и помага на државата да оди напред, преку намалување на младинската невработеност и зголемување на економската активност.

Посочи и дека од оваа година средното стручно училиште „Ванчо Питошески“ ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука и ќе им помага не само на младите да се реализираат на професионален план, туку и на повозрасните жители од овој крај.

“Идејата на овој и на другите два регионални центри во државата е да овозможат стекнување и признавање на квалификации по основ на формално, неформално и информално учење. Сегашниот систем не ги признава, а тоа е проблем, бидејќи многу повозрасни луѓе едноставно имаат одредено знаење, но тоа знаење не им е верификувано и не можат да бидат интегрирани, да бидат продуктивни за себе и општеството“, рече Царовска.