И официјално: Нафтали Бенет стана нов израелски премиер


Според коалицискиот договор Нафтали Бенет ќе биде премиер во првите две години (Фото: АП)

По 12 години непрекината власт конечно дојде крајот на ерата на Бенјамин Нетанјаху. На власт стапи осумпартиска коалиција составена од ултрадесничари, центристи, левичари и една мала арапска партија. Гласањето во парламентот беше 60:59

 

ЕРУСАЛИМ – Израелскиот парламент во неделата ја одобри новата коалициска влада со која премиерот Бенјамин Нетанјаху беше испратен во опозиција по рекордни 12 години на функцијата и политичка криза што предизвика четири избори за две години.

По 12 години непррекината власт конечно дојде крајот на ерата на Нетанјаху. На власт стапи осумпартиска коалиции составена од ултрадесничари, центристи, левичари и една мала арапска партија

Нафтали Бенет, шеф на мала ултранационалистичка партија, положи заклетва како премиер по супертесното гласање 60-59 во парламентот. Но, ако тој сака да ја задржи работата, ќе мора да ја одржи коалицијата на партии од политичката десница, левицата и центарот.

Осумте партии, вклучително и мала арапска фракција која прави историја со тоа што седи во владејачката коалиција, се обединети во своето спротивставување на Нетанјаху и на новите избори, но се согласуваат за малку работи. Тие, најверојатно, ќе имаат скромна агенда која ќе се обидува да ги намали тензиите со Палестинците и да одржува добри односи со САД без да започне некоја поголема иницијатива.

Нетанјаху седеше тивко за време на гласањето. Откако коалицијата беше одобрена, тој стана да ја напушти салата, пред да се сврти и да се ракува со Бенет. Очајниот Нетанјаху, кој имаше црна медицинска маска, за кратко седна на столот на опозицискиот лидер пред да излезе надвор.

Нетанјаху, кому му се суди за корупција, останува на чело на најголемата партија во парламентот и се очекува енергично да се спротивстави на новата влада. Ако само една фракција се повлече коалицијата може да го изгуби мнозинството и би се изложило на ризик од колапс, давајќи му можност да се врати на власт.

Длабоките поделби во земјата беа јасни кога Бенет се обрати пред парламентот пред гласањето. Тој постојано беше прекинуван и гласно оневозможуван од приврзаниците на Нетанјаху, од кои неколку беа спроведени надвор од салата.

Говорот на Бенет главно се однесуваше на домашните прашања, но тој изрази спротивставување на напорите на САД да го оживеат иранскиот нуклеарен договор со светските сили.

„Израел нема да дозволи Иран да се вооружи со нуклеарно оружје“, рече Бенет, ветувајќи дека ќе ја задржи конфронтирачката политика на Нетанјаху. „Израел нема да биде страна на договорот и ќе продолжи да ја зачувува целосната слобода на дејствување“.

Бенет сепак се заблагодари на претседателот eо Бајден и на САД за децениската поддршка за Израел.

Нетанјаху, зборувајќи по него, вети дека ќе се врати на власт. Тој предвиде дека идната влада ќе биде слаба во однос на Иран и ќе им попушти на барањата на САД да направат отстапки за Палестинците.

„Ако е предодредено да бидеме во опозиција, ќе го сториме тоа со исправен грб додека не ја урнеме оваа опасна влада и не се вратиме да ја водиме земјата на нашиот пат“, рече тој.

Јоханан Плеснер, претседател на Израелскиот институт за демократија, непартиски тинк-тенк, рече дека новата влада најверојатно ќе биде постабилна отколку што се чини.

„И покрај тоа што има многу тесно мнозинство, ќе биде многу тешко да се урне и да се замени затоа што опозицијата не е кохезивна“, рече тој. Секоја партија во коалицијата ќе сака да докаже дека може да испопрача, и за тоа им треба „време и достигнувања“.

Сепак, Нетанјаху „ќе продолжи да фрла сенка“, рече Плеснер. Тој очекува лидерот на опозицијата да ги искористи настаните и да предложи законодавство што членовите на десната коалиција би сакале да го поддржат, но не можат – сè со цел да ги засрамат и поткопаат.

Новата влада во меѓувреме ветува враќање во нормала по бурните две години во кои се случија четири избори, 11-дневна војна во Газа минатиот месец и избувнување на корона вирусот што ја уништи економијата пред таа да биде во голема мера ставена под контрола од успешната кампања за вакцинација.

Бенјамин Нетанјаху од говорницата во Кнесетот порача дека ќе се врати (Фото: АП)

Движечка сила зад коалицијата е Јаир Лапид, политички центрист, кој ќе стане премиер за две години, доколку владата трае толку долго.

Тој го откажа планираниот говор пред парламентот и наместо тоа рече дека се срами што неговата 86-годишна мајка мораше да биде сведок на грубо однесување на неговите противници. Во краткиот говор, тој побара „прошка од мајка ми“.

„Сакав да биде горда на демократскиот процес во Израел. Наместо тоа, таа, заедно со секој граѓанин на Израел, се срами од вас и јасно памети зошто е време да ве замени“, рече тој.

Нетанјаху ќе му ја предаде функцијата на Бенет в понеделник. Тој ја отфрли владата со апокалиптични изјави и го обвини Бенет за измама на гласачите, кандидирајќи се како десничар, и потоа соработува со левицата.

Американскиот претседател Џо Бајден веднаш му упати честитки на новиот премиер Бенет.

„Во име на американскиот народ, им честитам на премиерот Нафтали Бенет, на алтернативниот премиер и министер за надворешни работи Јаир Лапид и на сите членови на новиот израелски кабинет. Со нетрпение очекувам да соработувам со премиерот Бенет за зајакнување на сите аспекти на блиската и трајна врска меѓу нашите две нации“, вели Бајден.

„Израел нема подобар пријател од Соединетите држави. САД остануваат непоколебливи во поддршката за безбедноста на Израел. Мојата администрација е целосно посветена на соработката со новата израелска влада за унапредување на безбедноста, стабилноста и мирот за Израелците, Палестинците и луѓето низ поширокиот регион“. (АП)