И официјално: ДУИ ја напуштија двајца пратеници

Координаторот на пратеничката група соопшти дека Изет Меџити и Мерита Колчи-Коџаџику си заминале. Ним им се придружи и независниот Кастриот Реџепи 


Фото: Б. Грданоски

 

Она што беше најавени и што подолго време неофицијално функционираше веќе стана реална ситуација во Собранието. ДУИ остана без двајца пратеници во Собранието и сега има 13.

Двајца пратеници од ДУИ ја напуштија пратеничката група на оваа партија во Собранието, потврди денеска координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми.

Тоа се Изет Меџити, кој вчера најави формирање на ново политичко движење и Мерита Колчи-Коџаџику. Ним претходно им се придружи и независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој порано беше член на Беса. 

На прес-конференција во Собранието, на новинарско прашање за тоа дали од денеска тројца пратеници од ДУИ веќе не се дел од нивната пратеничка група и дали тоа значи дека се распаѓа пратеничката група на оваа партија, Адеми посочи дека станува збор за двајца пратеници, а третиот Кастриот Реџепи делувал како независен пратеник, и бил на листата на СДСМ, изразувајќи при тоа жалење што за тоа биле информирани од медиумите. 

„Жалиме што преку медиуми сме информирани дека наши двајца пратеници го избрале овој пат. Тие беа добро третирани од ДУИ, носеа високи позиции и институционална одговорност и имаа доверба во ДУИ за да бидат на таа институционална одговорност, така што за причините за нивното заминување од ДУИ треба нив да ги прашате. Но, во мнозинството не се менува ништо, бидејќи и без овие пратеници оваа Влада беше изгласана и оваа владина програма беше изгласана. Така што на истите тие бројки што сме биле пред и во моментот на формирањето на оваа Влада, на истите тие бројки сме и сега. Само изразуваме жалење за сето ова што се случува, а за причините треба да се прашаат нашите колеги“, изјави Адеми.

Во однос на посетата на Вајмарската тројка, тој кажа дека имале конструктивна средба со министрите за европски прашања од Германија, Франција и Полска и оти добиле јасни пораки.

„Сите пораки беа јасни. Ако сакаме да и се спротивставиме на Русија тогаш ќе гласаме за уставните измени. Тоа беше главната порака. Ако не сме со Русија, тогаш ќе гласаме за уставните измени. И така ќе се отвори патот кон членството на нашата земја во европското семејство и така ќе продолжи подобрувањето наше, на нашата држава и општество на повеќе полиња, кои се поврзани и со процесот на преговорите. Така што имавме директни пораки како никогаш до сега што треба да направиме“, рече Адеми. 

Тој при тоа изрази очекување дека сите политички партии ќе го имаат предвид ова и ќе носат одлуки со кои ќе ги хармонизираат нивните политики со отворање на нови перспективи за сите граѓани и оти нема да се водат од тесни партиски интереси кои се поврзани со следните избори.

„Сите ние кои сме европски ориентирани политичари и политички партии кои ги претставуваме, секако дека го споделувавме нашето видување дека час поскоро треба да се изгласаат уставните измени. Претседателот Џафери, меѓу другото, кажа да не се занимаваме со историјата, туку конкретно да се фокусираме на градење нови можности и перспектива за нашите граѓани“, рече координаторот на ДУИ Арбер Адеми.