И од септември нема сите ученици да имаат учебници


Последниот пример со учебникот по македонски јазик, кој учениците го добија на десет дена пред крајот на учебната година,  веројатно ќе се повтори и од септември, со оглед на тоа, што според новата програма летово треба да се изработат учебници за трето и шесто одделение според новата програма. 

За тие учебници, уверува министерот за образование Јетон Шаќири, има автори, некои од учебниците се во различна фаза од изработка и одобрување, но има рокови за жалби, за исправки… Сепак, тој се надева дека „овој 1 септември, ќе биде најдобриот 1 септември од сите досегашни, по подготвеност и достава на учебниците“.

 – Националниот совет за учебници ги има одобрено сите учебници, освен овие два-три кои доцнеа. Повеќе од 26 наслови се испечатени и за во стручното образование, каде немаше учебници повеќе од 10 години. Очекувам овој 1 септември да биде поподготвен од сите 1 септември, да бидат учебниците доставени зе сите ученици. За трето одделение и за шесто одделение правиме напори учебниците да бидат изработени, во овој период на распуст, како и за дел од стручнте струки во средното образование – рече Шаќири на прес-конференција по средбата со  претседателот на ССОНК Јаким Неделков и претставници на Solidarity Center, најголемата меѓународна организација за заштита и унапредување на работничките права со седиште во САД, како и претставници на Американската федерација на наставници.

– За грешките во учебници немаме некои санкции предвидени за автори кои дозволуваат да се провлечат во учебниците. Сум побарал од авторите колку повеќе грешки може да исправат, за следните учебници кои ќе се испечатат да бидат со што помалку грешки – одговори Шаќири на новинарско прашање.

Уверува дека за оние предмети за кои има одобрено учебници, од 1 септември нема да има проблем. За оние неодобрените, ќе направат напори да се изработат. За 80 отсто од предметите има завршено постапки, но за другите има дел од постапките што допрва треба да се случат (има жалбена постапка, за некои има повеќе од пет автори пријавени).

Шаќири најави и дополнителни мотивации за авторите на учебници, како исплата на хонорарот за учебникот, кој досега авторите го добиваа на рати во тек на пет години, затоа што толку трае авторското право, да се исплаќа еднократно. Дел од авторите, вели Шаќири не се наставници, па има предлог, ако се, тогаш за мотивација, оние кои изработиле учебник да имаат и повисока плата. Но, сето тоа се разгледува како можност со новиот закон за образование.