И Николоски го нападна Билал Касами
Прво премиерот, а потоа вицепремерот му се нафрлија на градоначалникот на Тетово, Билал Касами откако тој изјави дека во Кичево коалицијата „Вреди“ ќе го поддржи кандидатот на ДУИ за вториот круг.
Александар Николоски денеска му порача на Касами дека соработката во владата може да продолжи само врз „основа на принципи и вредност“.
„Ветивме дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа се случи после 20 години, а прашање на време e пензионирањето на Али Ахмети. Ако Билал Касами сака да биде алтернатива на нив, тогаш треба да биде целосно различен од нив“, рече Николоски во гостувањето на Радио Лидер.
„Ако Билал Касами сака во Тетово да биде алтернатива на Теута Арифи и на претходни кои што биле таму градоначалници од ДУИ, тој не може да е исти како нив. Потоа, не треба да се срами и да му е непријатно тоа што Македонците во Тетово гласаа за него во првиот круг. Тој сега треба да им испорача на тие луѓе, затоа што тоа се негови поддржувачи. Политиката на етнички поделби се удри во ѕид и заврши неславно, но доколку таа политика продолжи во нов формат, тогаш која е разликата? Не можете вие да држите митинзи и да зборувате дека треба во Тетово да победи Билал за да не се врати ДУИ, а во исто време да речете во Кичево гласајте за ДУИ. Тоа е непринципиелна политика“, порача Николоски.