И на Шилегов му смета што „АСНОМ“ долго е непрооден за сообраќај


Дел од булеварот „АСНОМ“ во Ново Лисиче, во близина на Паркот на авиончето, веќе две години, одвреме-навреме, е непрооден за сообраќај. Поради тоа, многу често, од страна на Ново Лисиече не може да се пристапи кон мостот кој води кон излез од Скопје.

Од другата страна на мостот, едната коловозна лента речиси постојано е затворена, со што се стеснува патот, па се ствара метеж.

Граѓани повеќепати реагираа, најмногу преку социјалните мрежи, дека предолго е затворен тој дел од булеварот и дека мора да го вртат речиси цело Ново Лисиче за да излезат од таму.

Сепак, според градоначалникот Петре Шилегов, Град Скопје не е надлежен за решавање на овој проблем, иако булеварите се во надлежност на Градот.

На новинарско прашање, при денешниот почеток на реконструкција на „Февруарски поход“, Шиелгов рече дека тоа не се градежни работи кои ги врши Градот Скопје.

– Тоа се работи на колекторскиот систем на Градот Скопје, меѓутоа инвеститор и изведувач на работите е Министерството за животна средина и просторно планирање и е нешто што и за мој вкус трае предолго. Навистина, немаме ние ингеренции таму. Да беше барем дел од работата под капата на градот, барем дел од булеварот и неговата непроодност, ќе беше за неколку дена завршен – рече Шилегов.

Инаку, градежните работи за изградба на колектори на Вардар за собирање отпадни води, почнаа во јуни 2018 година.

Парите за колекторот се од ИПА 2, за проектот „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во градот Скопје“ кој предвидува изградба на колектор на десниот брег на Вардар во должина од 3,4 километри и тоа од булевар „Србија“ до Железничкиот мост и во него ќе се слеваат отпадните води од постојната пумпна станица „Горно Лисиче“, потоа колектор на левиот брег на Вардар во должина од 4,5 километри од точката на моменталното празнење на постојната канализациска мрежа до железничката пруга, како и изградба на колектор од пумпната станица „Макошпед“ до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на Вардар.

Проектот, требаше да биде завршен во февруари 2020 година, е финансиран со средства на Европската унија во износ од над девет милиони евра и ко-финансиран од буџетот на Македонија, во висина од 15 отсто.

По изградбата со колекторскиот систем ќе управува Град Скопје, поточно, ЈП „Водовод и канализација“.(Б.Б.)