И на Арбр Адеми му пречи „20 отсто“


Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми, воедно и шеф на пратеничката група бна ДУИ  во изјава за index.mk говори за отстранување на терминот „20 отсто“ и го коментира барањето на лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски за напуштање на принципите на Бадентер и баласерот. 

Адеми рече дека е дојдено време да се отстрани терминот „20 отсто“ и да се замени со адекватна формулација како „албански јазик“ и „албански народ“. Потпретседателот на ДУИ најави дека консултациите за истото прашање ќе продолжат со меѓународните партнери со чија помош е постигнат Охридскиот договор.

„Сите достигнувања кај нас се резултат на блиското партнерство со нашите пријатели, вклучително и формулациите произлезени од Охридскиот мировен договор“, рече Адеми.

Од друга страна, тој додаде дека е за жалење за ставот на Христијан Мицкоски за напуштање на  „Бадентер“ и „балансер“ бидејќи според него овие прашања се од суштинско значење и доведоа до потпишување на Охридскиот договор.

„Бадентерово мнозинство или двојно мнозинство? Само за потсетување, беше предвиден ваков механизам за да се избегне мајоризација за сите прашања кои ги засегаат другите,  немакедонски заедници и секако дека нема враќање назад од истото решение“, додаде Адеми.

Зборувајќи за „балансерот“, Адеми изјави дека тој треба да се зајакне, а не да се отстранува.

„До 2001 година знаеме колку Албанци и колку припадници на другите заедници беа дел од јавниот сектор, државната администрација, а колку сега. Сметаме дека за вакво решение ќе биде неопходно да се санкционира позитивната дискриминација, односно самиот балансер да биде функционален, па дури и да се надгради за да нема злоупотреби во однос на имплементацијата на овој механизам и да не може проценката да биде укинување на ова решение“, заклучи Адеми.

Инаку, првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, пред една недела во Собранието се сретнал со првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, со кого констатирале дека во моментот на отворањето на Уставот терминот „20 отсто“ треба да се промени и да се замени со соодветни термини.