И мозаиците во Хераклеја се „кршат“ во барабанот на битолското предизборие
Анета Блажевска
БИТОЛА – Мозаиците на античка Хераклеја влегоа во барабанот на битолското предизборие за претстојните локални избори. Опозицијата јавно обвини дека директорката на Битолскиот музеј го ангажирала својот син да ги открива мозаиците во Хераклеја, постапка која установата ја практикува после зимската заштита на мозаиците.
Локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, постирајќи фотографии од мозаиците во Хераклеја побара од Јавното обвинителство Битола да постапува по допрен глас и да отвори случај за кривична одговорност за директорката на Битолскиот музеј, Мери Стојанова, за злоупотреба на службената положба и загрозување на културното наследство.
Опозицијата тврди дека директорката Стојанова го ангажирала со договор на дело својот син, заедно со неколку негови другари, да извршат откривање на мозаиците во локалитетот Хераклеја, што било извршено надвор од стручен надзор и надвор од оперативен распоред за работа.
„Директорката, поучена од претходните практики во Музејот за ангажирање на работници за физичко отстранување на заштитниот слој, не можела да дочека да го ангажира синот и неговите другари, буквално да копаат по мозаиците. Официјалното откривање на мозаиците требало да започне на 1 јуни, но директорката, без да ги почитува насоките од стручните кадри и плановите за работа кои гарантираат следење на професионални постапки и методи, нестручно си постапила по свое. Самоволието одело дотаму што при нестручното откривање на мозаиците направени се оштетувања“, велатод ВМРО-ДПМНЕ со соопштение на својата Фејсбук страница.
На овие обвинувања возврати директорката на Музејот со писмено соопштение наведувајќи дека причините за лошата состојба на дел од мозаиците се многу комплексни и апсурдно е да се тврди дека наведените оштетувања се резултат токму на откривањето на мозаиците. Познавачите на проблематиката многу лесно ги утврдуваат небулозите изнесени во јавноста, без никаква поткрепа и факти, смета таа.
„Факт е дека во сите установи од заштитата, на безброј проекти, по потреба биле ангажирани млади луѓе, дел од нив деца на вработени, кои имале афинитети за оваа област и кои подоцна се профилирале за професии поврзани со заштитата на културното наследство.
Впрочем и ние, кои сега сме вработени, така сме ја стекнеле љубовта кон професијата. Ангажираните млади од страна на Завод и музеј – Битола, континуирано работеле само затоа што совесно и чесно ја извршувале својата работа и ништо друго. Доколку и до сега се работело несовесно, должност на стручните лица била да се извести и да се отстранат недоследностите, што очигледно не било случај“, пишува Стојанова во соопштението до јавноста.
Според неа откривањето на мозаиците на Хераклеја согласно стручните стандарди и во зависност од временските услови секогаш се случувало на крајот на април или почетокот на мај, но никогаш од 1 јуни, бидејќи на тој начин би изгубиле голем број на посетители.
Стојанова повикува креаторите на овие како што вели лажни вест да не се кријат зад партијата.
Таа открива во бројки дека во изминатите неколку години институцијата има речиси најголем буџет во државата, кој во делот на заштитата се движи над 25 милиони денари, средства доделени од годишните програми на Министерството за култура. Во изминатите три години успеала дополнително да обезбеди преку 350.000 евра од неколку странски фондови, што не било случај со десетици години порано, а можеби и никогаш, вели таа. Токму еден од тие проекти е до сега најголемиот конзерваторски проект на мозаичните површини и градби во Хераклеја, за кој јавноста наскоро ќе има можност да чуе многу повеќе, најавува Стојанова.