И Москва го демантира Пригожин дека Соледар паднал под руска контрола


 

Прво стигна демантот од Украина, а потоа и од официјалните лица во Русија. Министерството за одбрана на Русија денеска извести дека борбите за малиот град Соледар во Донецката област сѐ уште траат. Министерството не ја потврди изјавата на основачот на платеничката група „Вагнер“, бизнисменот Евгениј Пригожин, дека градот бил заземен.

„Руските единици на Воздухопловните сили го блокираа Соледар од север и југ, во градот се борат јуришни одреди, воздушните сили ги напаѓаат упориштата на украинските трупи“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.

Кремљ повика „да не се брза“ со заклучоците и „да се чекаат официјални изјави“. Во исто време, претседателскиот прес-секретар Дмитриј Песков истакна дека „постои позитивен тренд во напредувањето“.

Претходно, изјавата на Пригожин за заземањето на Соледар беше демантирана од претставникот на Источната група на вооружените сили на Украина, Сергеј Черевати. Тој во средата изјави дека руските тврдења дека го освоила Соледар се „невистинити“. Черевати не понуди повеќе детали, велејќи само дека Генералштабот на Украина ќе даде повеќе информации подоцна.

Генералштабот во своето ажурирање наутро во средата го наведе Соледар само меѓу градовите и населбите кои продолжуваат да бидат гранатирани од руските сили.

Евгениј Пригожин објави фотографија во полна воена опрема, наводно снимена во рудниците за сол во Соледар, но таа веројатно е снимена на друго место

Институтот за проучување на војната (ИСВ) исто така објави дека руските сили не успеале целосно да го заземат градот. „Реалноста на контрола на територијата во Соледар од блок до блок не е јасна поради динамичната природа на урбаните борби“, објаснуваат аналитичарите.

Претходната вечер, прес-службата на основачот на „Вагнер“ ги циркулираше зборовите на бизнисменот дека неговите платеници ја презеле контролата врз целата територија на градот. „Уште еднаш сакам да нагласам дека ниту една единица не учествуваше во нападот на Соледар, освен борците на ‘Вагнер’“, истакна одделно Пригожин.

Западното разузнавање процени дека групата „Вагнер“ сочинува четвртина од сите руски борци во Украина. Успехот во Соледар и Бахмут ќе му помогне на Пригожин, кој отворено го критикуваше руското воено раководство, да го зголеми своето влијание во Кремљ. (Според агенциите)