И ММФ ни предвидува помал раст, годинава БДП ќе се зголеми 3,2 отсто, идната година 2,7 отсто


Меѓународниот монетарен фонд во најновиот Светски економски преглед прогнозира дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 3,2 отсто, што е надолна корекција во однос на јануарските прогнози за 0,8 процентни поени. За идната година ММФ предвидува уште помал раст на македонскиот БДП, само 2,7 отсто, наспроти 3,8 проценти во извештајот на Мисијата на ММФ за Македонија од февруари годинава.

Корекции има и во однос на инфлацијата, па така во податоците објавени во Светскиот економски преглед во пресрет на Пролетните средби на ММФ и на Свеската банка, стои дека потрошувачките цени на крајот на оваа година ќе бида поголеми за 5,2 отсто, а на крајот на 2023 година ќе изнесува 3,3 отсто.
Дефицитот на тековната сметка годинава ќе изнесува 5,8 отсто, а идната година ќе се намали на 3,6 отсто.

Пред една недела и Светска банка ги објави пролетните прогнози, според кои македонската економија годинава ќе забави и ќе оствари раст од 2,7 проценти, најмногу како последица од руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија.

 

Предвидувањата се дека инфлаторските притисоци, особено храната и цените на енергенсите, ќе ги зголемат трошоците на живот и дека најпогодени ќе бидат ранливите категории на граѓани.

Инаку, ММФ во извештајот предвидува забавување на глобалниот раст за 143 земји, што претставува 86 отсто од глобалниот БДП.

Главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуринш, на презентацијата на новиот, априлски Извештај за глобалните економски изгледи, рече дека главната причина за намалувањето на проекцијата за раст на глобалната економија е руската инвазија на Украина.
Според него, војната во Украина дополнително ги влоши проблемите во глобалните синџири на снабдување кои беа нарушени од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, придонесе за скок на светските цени на суровините, особено цените на храната и енергијата, предизвикувајќи силен пораст на инфлацијата.
ММФ проценува дека глобалниот раст ќе забави на околу 3,3 отсто на среден рок, од просечните 4,1 отсто меѓу 2004 и 2013 година, во споредба со минатогодишниот раст од 6,1 отсто.