И Македонија станува дел од „Чиста 5Г мрежа“


Премиерот Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД, Кеит Крач денеска потпишаа меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии.

Со меморандумот Република Северна Македонија и САД ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со 5Г технологијата која е во согласност со нашиот национален оперативен план што го усвоивме како наш стратешки документ за новата ера на дигитализација на земјата, рече Заев.

Потсекретарот на САД Кеит Крач, истакна дека државата е драгоцен стратешки партнер на САД.

– Светот се освестува за опасностите и ризичните продавачи. Декларацијата за 5Г го потврдува ова и безбедните чисти мрежи ќе бидат од витално значење за економска стабилност во регионот. Ние го поддржуваме влезот на РС Македонија во ЕУ. Од 27 земји членки на ЕУ, 25 се приклучени на оваа чиста мрежа – која е сеопфатен пристап да се адресираат долгорочните закани за приватноста, безбедноста, соработката и човековите права и таа е вкоренета во меѓународните стандарди и долгогодишно спроведување на оваа стратегија, рече потсекретарот Крач.

– Кога зборуваме за дигитализација како за четврта револуција, 5G-мрежата ќе предизвика многу попозитивни ефекти отколку појавата на електричната енергија и ќе биде инструмент за трансформација, односно за дигитализација на традиционалните индустрии, истакна денеска премиерот Зоран Заев по потпишувањето на Меморандумот.

Премиерот нагласи дека со Меморандумот РСМ и САД ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со спроведувањето на 5G технологијата која, како што рече, е во согласност со нашиот национален оперативен бродбенд план што го усвоивме минатата година како наш стратешки документ за новата ера на дигитализацијата на земјата.

– Република Северна Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и нашите политики за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5G-технологијата со нашиот стратешки партнер и сојузник во НАТО, САД, наведе претседателот на Владата.

Тој посочи дека имајќи ги во предвид предностите на безжичната комуникација од петтата односно 5G-технологијата овој Меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност.