И Љупчо Николовски се повлече од партиската функција


Фото: Б. Грданоски

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски денеска поднесе писмена оставка од функцијата. Николовски во писмената оставка доставена во Социјалдемократскиот сојуз изразува посебна благодарност до претседателот Зоран Заев и на сите членови на партијата.

„Чесно и посветено одработив во тежок период за партијата. Денес СДСМ е најбројната, најмодерната, дигитализирана, динамична и европска партија. По 18 години, СДСМ и коалицијата победија на парламентарни избори минатата година. На претседателот Ковачевски и новото раководство им посакувам многу мудрост, единство, ангажман и чување на вредностите. Со ова оставам можност за избор на нов генерален секретар согласно концептот на претседателот Ковачевски. Во однос на неговиот понатамошен ангажман во политиката и општеството, оставам да покаже времето. Достапноста, чесноста, искрениот и одговорен пристап во работата, држењето до зборот и ветеното, поддршката и залагањето за добри дела за сите без поделби на граѓаните по било која основа остануваат клучни вредности и залагања при вршењето на било која позиција и одговорност. За идните планови секако ќе има време да се размисли и одлучи по празниците”, се наведува во писмената оставка.

Претходно денеска, и досегашниот потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, соопшти дека поднел оставка на партиската функција, во пресрет на седницата на централниот одбор на партијата закажана за вечерва, на која се очекува новиот лидер на партијата Димитар Ковачевски и официјално да биде потврден како кандидат за нов премиер.