И Крива Паланка ќе добие контејнери од парите од продажбата на пластични ќеси


Идентификувана потребата и најавено вбројување на Крива Паланка во општините со изготвен катастар на загадувачи, доделување контејнери за пред селекција на отпад од средствата од продажбата на пластични ќеси и проекти од круцијална важност за поголем број население во општината. Ова се дел од темите за кои се разговараше на работната средба меѓу министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.

Шукова денеска оствари прва официјална средба на оваа општина од североисточниот регион каде меѓу другото во континуитет со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање се реализираат повеќе проекти на годишно ниво од областа на заштита на животната средина, управување со води и управување со отпад.

Шукова информираше за начините на кои ресорното министерство може да ја поддржи општината во спроведување проекти за заштита на животната средина.

– Со посебен акцент се дискутираше за активностите, мерките и проектите од областа на животната средина, кои Општина Крива Паланка ги сроведува, планира и имплеметира во рамки на своите оперативни годишни програми и во соработка со Министерството, а се во насока на подобрување на состојбата со животната средина во општината и унапредување на условите живот на локалното население, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка Митовски.

-Министерството за животна средина и просторно плaнирање ќе додели и конкретна помош и поддршка за реализација на квалитетни и одржливи мерки и проекти по конкретни програми за унапредување на постојната состојба со животната средина во општината. Покрај повиците за програмите на Министерството, во претстојниот период се очекува и дополнителна можност за гарантирање на општините со средства од заем од Европската инвестициска банка за што допрва ќе следуваат конкретни информации и детали, посочи Шукова.

Таа истакна дека интензивната соработка меѓу институциите на национално и локално ниво е клучна за имплементација на активности што ќе придонесат за поквалитетен живот на сите граѓани во општината, но и за одржлив развој на самата општина.

На средбата беше најавено доделување најмалку триесетина контејнери за пред селекција на отпад, од вкупно околу 7 000 илјади обезбедени од продажбата на пластични ќеси што се планира да бидат доделени на сите општини што имаат потпишано договор со колективен постапувач.