Како тече дебатата во ВМРО-ДПМНЕ: Јас тебе со критика, ти мене со навреди


Додека раководството на ВМРО-ДПМНЕ молчи во деновите по поразот, одбраната од критичките напади ја презедоа вторите, третите, па и четвртите ешалони. И тоа главно преку социјалните мрежи и „храбри“ објави на Фејсбук. Вчера тоа му се случи на поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски (адвокатот Тони Менкиноски беше груб и исклучив во нападот), а денеска таа работа му се повторува и на Ивица Коневски, кој беше градоначалник на општината Аеродром во два мандати.

„Повеќе од јасно е дека на партијата ѝ е неопходен добар тим, раководство со капацитет за обединување и демократизација, кои во моментов се клучни за враќање на довербата кај граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш имала свој препознатлив печат, кој за жал изминатите неколку години избледе. Но, и покрај сите премрежија, кај многумина од нас не избледе искрената желба партијата да се врати на својот вистински пат, да ги следи современите текови и повторно да стане делотворен чинител во ова општество. ВМРО-ДПМНЕ тоа го има, го може и знам дека ќе успее пак да се издигне на пиедесталот, онаму каде што припаѓа, на првото место. Доаѓаат подобри времиња“, напиша Коневски утринава на Фејсбук.

На оваа негова објава веднаш следеше напад на Фејсбук од портпаролот на партијата, Димче Арсовски, полн со диквалификации:

„Добро е што Ивица Коневски излезе со став, инаку сликата на печалбар од ВМРО-ДПМНЕ не би била потполна. Очигледно адвокатурата му иде толку лошо, што сега има желба да менува професија и да се враќа во политика, каде што пак последните години од кариерата му идеше уште полошо од адвокатурата сега. Работава испаѓа – ‘Не умри магаре до зелена трева’. И не треба никој да се труди да пишува имиња и презимиња околу печалбарите, сами ќе се јават сите. Е сега малку околу суштината, овие луѓе кои бараат смена на претседателот Христијан Мицкоски се всушност неславниот багаж кој ВМРО-ДПМНЕ го влечеше како тег во пропаст, а потајно се молеа и работеа да победи СДСМ и на референдумот и на изборите“, пишува Арсовски.

Багаж еден, багаж друг – преку јавна елиминација. На одговорот – одговор: од Ивица Коневски. „Мицкоски, по твоето огласување преку официјалниот портпарол, станува јасно каков човек ја води партијата.
По мојот изнесен став, ти го тераш портпаролот да пишува ниски лаги и клевети за мене.
Со тоа само потврдуваш дека ти и твојот тим немате капацитет да се справите со искрените критики, упатени за доброто на ВМРО-ДПМНЕ.
Што побрзо си одите ти и таа багра од партијата, толку побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на државата“, напиша Коневски, со слична дисквалификација и се потпиша потпиша како член на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен советник за град Скопје на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавните критики се вклучи и еден од реформаторите, Петар Богојески, кој на изборите учествуваше со посебна листа за пратеници преку Македонски концепт.

„Пред точно 3 години ве повикавме на реформирање, за да спречиме расформирање на ВМРО-ДПМНЕ. Ви кажавме дека ако не се реформираме по брза постапка, ќе ги изгубиме сите избори и на крај ќе се распаднеме! Сега е веќе започнат процес на расформирање на партијата, ‘граѓанската војна’ е во тек, а обидот на Груевски и Мицкоски со наводни реформи да спречат расформирање е повеќе од трагикомичен.
Касно е сега дечки. Помина возот“, вели Богојески на Фејсбук.

Дали е тоа „граѓанска војна“, како што вели Богојески, или подготовка за заземање внатрепартиски позиции за времето што ќе дојде ако Мицкоски не дојде ни до можност да се обиде да формира влада, допрва ќе се разјаснува. (Н.В.)