И компаниите од автомобилската индустрија во Македонија загрижени поради американските царини
Засега нема анализи како царините ќе се одразат врз извозот на компоненти, ниту како тоа ќе влијае врз бројот на вработени, но сигналите не се позитивни. Напротив

Компаниите од автомобилската индустрија во Македонија се на штрек поради царините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на возила во САД во износ од 25 отсто. Засега нема анализи како царините ќе се одразат врз извозот на компоненти, ниту како тоа ќе влијае врз бројот на вработени, но сигналите не се позитивни. Напротив.
Како што веќе пишуваа медиумите, една од компаниите во економските зони, „Аптив“ најави дека заминува, иако од Владата подоцна изјавија дека прават сѐ таквата одлука да се промени, додека други тивко го намалуваат бројот на вработени. И сето ова уште пред официјалната најава за царините од САД за сите увезени возила која во сила кои треба да стапи на сила на 2 април, а за автоделови во мај или подоцна.
„Ако е перманентно ова решение кое што е најавено, ефектите ќе бидат лоши, пред сѐ за автомобилската индустрија во Европа, но посредно и за компаниите во нашата земја кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија“, оценува Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и прв човек на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
Тој вели дека иако по број на извезени возила во САД на прво место е Мексико, а потоа Јапонија, Јужна Кореја, Канада, па дури потоа Германија, според вредноста на извозот сепак предничат европските производители.
Така, според податоците достапни на Интернет, вредноста на увезените возила во САД во 2024 година била 474 милијарди долари.
Како што покажуваат податоците на АЦЕА од март годинава, за трговијата со нови автомобили (вклучувајќи електрични модели) меѓу ЕУ и САД, лани биле извезени 749.170 нови автомобили од ЕУ во САД со вредност од 38,5 милијарди евра, од кои 111.584 биле електрични возила (14,9%) во вредност од 5,9 милијарди евра.
Колку европскиот пазар е ранлив на американските царини, покажува и следниов податок—лани во спротивна насока (од САД во ЕУ ) биле извезени 164.857 автомобили од американско производство со вредност од 7,7 милијарди евра, а 18.841 биле електрични на батерии (11,4%), во вредност од 1,4 милијарди евра.
Како што посочуваат од АЦЕА, САД остануваат вториот најголем пазар за извоз на нови возила во ЕУ по Велика Британија. Во однос на вредноста, САД учествуваа со 22% од извозниот пазар на ЕУ во 2024 година.
Како што вели Мизо, доколку царините влијаат на пад на извозот за една третина, тогаш загубите би биле колку што е македонскиот БДП. И сето ова доаѓа во време кога европската автомобилска индустрија не може целосно да закрепне уште од кризата предизвикана за време на ковидот.
„Дури 73 отсто од овој износ е од претежно германски производители, како ‘Фолксваген Порше’, БМВ“…“ вели Мизо. Или, секое трето „порше“ оди за САД и секое шесто БМВ.
Она што е важно, е дека цената ќе се зголеми директно, без разлика каде ќе се произведува автомобилот, посочува Мизо.
Тоа значи дека ако во ваквите возила има и компоненти кои што се произведени во некоја од македонските фабрики, тогаш, намалената побарувачка во САД за европските возила, или оние од другите делови на светот, ќе има влијание и кај нас. Дополнително, како што веќе е најавено, царини ќе има и за компонентите, но тие треба да се применуваат нешто подоцна, во наредните месеци.
Колкави ќе бидат последиците од сево ова, тоа во моментот е тешко да се предвиди.
Но, она што само по себе се наметнува како тема, е што може државата да направи за компаниите кои ќе бидат погодени од новата царинска политика на САД. Во некои од државите владите веќе разговараат со нивните компании и прават стратегии за одржување на оваа важна индустриска гранка.
Кај нас, Владата деновиве има многу поголеми приоритети, поврзани со трагедијата во Кочани и со санирањето на последиците за луѓето кои ги изгубија најмилите, како и за успешно закрепнување на повредените, но секако дека ова прашање не треба да се тргне настрана, имајќи предвид дека половина од извозот на државата отпаѓа токму на компаниите кои се дел од автомиобилската индустрија.
Инаку, според проценките на луѓето од автомобилскиот сектор, американските царини во најмала рака ќе придонесат за пролонгирање на кризата во оваа индустрија во Европа. Каде што веќе се изгубени илјадници работни места.
Самите царини во износ од 25 отсто во практика значат дека возилата во старт ќе се зголемат барем за една петина или повеќе од вредноста, што особено ќе биде забележливо кај скапите модели. На пример, ако некое возило сега чини 200 илјади долари, со новите царини ќе изнесува 250 илјади долари.
Според истражувачката компанија JATO Dynamics, трите најголеми германски производители на автомобили сочинуваат околу 73 отсто од автомобилскиот извоз на Европската унија во САД.
А САД се најважниот извозен пазар за германската автомобилска индустрија. Речиси едно од секои три „поршеа“ се извезува во САД, додека едно од секои шест БМВ се испорачува таму. „Мерцедес“, „Фолксваген“ и „Ауди“ (подружница на групацијата „Фолксваген“) имаат производствени локации во САД и Мексико, но тие би биле тешко погодени од зголемувањето на царините. БМВ овој месец предупреди дека очекува растечките трговски конфликти да ја чинат компанијата 1 милијарда долари оваа година.
„Ако претерате со тарифите, тоа испраќа негативна спирала до сите учесници на пазарот“, изјави за Блумберг Оливер Зипс, претседател на БМВ. „Нема победници во таа игра“.
Автомобилите се само еден сектор кој се соочува со големи зголемувања на царините. Покрај тарифите за челик и алуминиум, Соединетите Држави планираат да ги објават она што администрацијата ги нарекува „реципрочни“ тарифи следната среда.