И кандидатите стравуваат за цензусот
Кампањата за шестите претседателски избори во земјава влезе во својата втора третина, кога се очекува вжештување на комуникацијата меѓу тројцата кандидати за шеф на државата, како и испраќање поконкретни пораки до избирачкото тело.
Првата седмица од кампањата главно помина во знак на неколку „гафови“ на кандидатите или на партиските лидери, а тематски копјата се кршеа околу Преспанскиот договор. Впечаток е дека првиот дел од кампањата не побуди поголема заинтересираност кај граѓаните, можеби и поради нивната презаситеност, со оглед на тоа што во последните три години се одржаа три циклуси гласање почнувајќи од предвремените парламентарни избори во 2016 година до референдумот лани во септември. Од друга страна, апатијата на гласачкото тело може да влијае на цензусот во вториот и одлучувачки круг. Проценките се дека веќе на 21 април, кога ќе се одржи првиот круг гласање, ќе има појасна слика за достижноста на цензусот од 40 проценти на 5 мај. На тоа се очекува да влијаат првичните резултати што ќе ги постигнат тројцата кандидати и разликата меѓу двајцата прворангирани, како и одѕивот што ќе биде постигнат во првиот круг.
Лидерите на Беса и на Алијансата за Албанците, Билал Касами и Зијадин Села, на митингот во Куманово изразија очекување дека Блерим Река – како кандидат што тие го поддржаа, ќе успее да влезе во вториот круг, така што на негово конто ќе се фузираат гласовите на Албанците во земјава, и покрај тоа што владејачката ДУИ застана зад Стево Пендаровски. Од друга страна, Река е скептичен околу успешноста на изборите, посочувајќи дека уште во првиот круг може да се случи слаба мобилизација на гласачите.
„Ова време во Северна Македонија има максимум 1,5 милион гласачи, а со тоа и се плашам дека може да пропадне изборниот процес, како и дека нема да го има потребниот цензус. Сепак, се надевам дека барем во првиот круг ќе биде постигната потребната излезеност, за вториот круг ќе видиме како ќе биде“, изјави Река во интервју за „Ал Џезеира“.
И универзитетскиот професор Мерсел Биљали смета дека големата бројка на избирачи кои се надвор од земјава може да претставува хендикеп за успешност на изборниот процес.
– Се плашам дека нема многу гласачи кои се ефективно во земјава. Пред сè надвор од државата се голем број млади кои се најактивни во кампањите и најзаинтересирани за политичките процеси. Кога на тоа ќе се додаде еден постојан процент на гласачи кои редовно не излегуваат на избори, мислам дека ќе треба многу да се работи за да се стигне цензусот. Тоа ќе биде особено тешко доколку има каков било бојкот од страна на опозицијата – тивок или организиран, како што и дел од гласачите може да бидат демотивирани да излезат во вториот круг ако нивниот фаворит не помине најдобро во првиот круг – вели Биљали.
Додека дел политичари од таборот на десницата отворено повикуваат на целосен бојкот на изборите уште во првиот круг, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ја заврши првата седмица од кампањата со повик до гласачите активно да се вклучат во изборниот процес, зашто во спротивно може да се случи претседателот на државата во иднина да се избира во парламентот, а не на непосредни избори. На митинг во Струмица, Силјановска рече дека не смее да се дозволи да дојде до наместена средба во Собранието на која ќе се смени Уставот. Таа посочи дека во меѓувреме претседателската функција ќе ја извршува спикерот Талат Џафери.
– Може и да го крунисаат во парламентот за републикански монарх. Може тоа му одговара и на нашиот премиер, бидејќи тој ги има сите функции кај себе. Не само што е главен во парламентот и во Владата, туку управува и со судството како претседател на телото за судски реформи и затоа немаме реформи, затоа немаме независно судство – рече Силјановска.
Според неа, Струмица е родно место на „филозофијата и политиката позната како заевизам“.
– Меѓутоа ние дојдовме овде за да рашириме, да отвориме, да ве инфицираме со една друга политика, па да речеме дека по победата овде таа политика ќе стане македонска политика – рече Силјановска. Од друга страна, таа како пример за успешни луѓе од Струмица ги посочи фудбалерот Горан Пандев и поранешниот претседател Борис Трајковски, за кои рече дека постојано ја носеле химната во срце.
Ликот на експретседателот Трајковски се појави деновиве и во еден од спотовите на кандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски, кој во периодот 2000-2004 година беше советник во неговиот кабинет. Во спотот се прикажуваат фотографии од Трајковски и Пендаровски на состаноци со странски државници.
Главна поента во досегашните обраќања на Пендаровски изборот на претстојните избори е сведен на два различни концепти – едниот во насока на напредок на државата, а другиот за блокади и враќање назад. За вториот концепт, според Пендаровски, се залага опозицијата и затоа граѓаните, преку масовно гласање треба да потврдат дека се за опцијата која нè носи во ЕУ и во НАТО.
– Оваа генерација македонски политичари во овој мандат ги решава најголемите проблеми на оваа држава од независноста до денес. Сите ние, предводени во тие процеси од Зоран Заев, успеваме еден по еден да ги решаваме и да ги отвораме портите кон Европа и кон светот – истакна Пендаровски на трибина во Карпош.
Осврнувајќи се на претходните претседателски избори, кога тој беше исто така кандидат, но тогаш на опозицијата, Пендаровски потсети на предметите на СЈО за изборни измами, со што, како што рече, е утврдено дека победата на Ѓорге Иванов во 2014 година била украдена. (А.М.М.)