„И јас сум тука“ – преку уметноста можеме да упатиме силни пораки во борбата со предрасудите

Сите херои во книгите „И јас сум тука“ и „Не престанувајте да се гушкате“, се важни. Приказните и поуките што ги испраќаат до сите нас патуваат надвор од Шведска, преку светот стигнаа и во Македонија – рече литературната критичарка Александра Јуруковска синоќа на промоцијата на овие две дела што се одржа во Кинотеката.
За собирањето на тие приказни и пораки разговараа авторите на книгата со автопортрети „И јас сум тука“, Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов и Ануки Стуруа, менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“. Тие ни доближија што значи да се биде дел од ваков проект и како тие приказни треба да стигнат до секој од нас.
Ѓорѓијевска рече дека насловот на книгата многу природно дошол на крајот на проектот.
-Ги најдовме приказните, се сретнавме и запознавме со сите луѓе, со децата и нивните семејства, се дружевме. Сето тоа на компјутер изгледа на еден начин, а во вакво издание е нешто друго. И насловот си дојде многу природно. Тоа ми беше чувство после секоја средба, разговор, заминување од местото каде се среќававме, колку беа радосни и среќни луѓето. Насмевката на сите овие луѓе е нешто заедничко што зрачи од фотографиите, со тие насмевки заминувавме од сите тие средби. Подаривме малку љубов, малку внимание – рече Ѓорѓијевска.
Фотографот Тоше Огњанов дополни дека ова беше патување на кое тргнал малку наивно, со чекор полека и по секоја средба тој чекор бил сè посигурен.
-Зачекоруваме во свет којшто цело време бил тука, покрај нас, ние сме немале предрасуди кон него, но со секој следен чекор завлегуваме подлабоко и тој стана дел од нас. Она што мене ми остана е комуникацијата. Бариерата беше спуштена и успеавме да комуницираме со нив, но не само вербално, туку на секој можен начин. Насмевките и прегратките е тоа што ми остана долго и не заврши со тие средби, туку продолжи уште долго, додека ги подготвував фотографиите. Цело време се дружев со тие насмевки, но кога ги видов одеднаш изложени видов како зрачат со енергија каква што тие ја носеа со себе додека разговаравме. Таа е движечка енергија што може да излезе низ вратата од Кинотека и да продолжи да се движи низ нашето општество – рече тој.
За тоа како се разви партнерството со театарот „Глада Худик“ и како се роди проектот „Никогаш не престанувајте да се гушкате“ зборуваше Ануки Стуруа. Таа рече дека е почестена и среќна што е во Скопје и особено ѝ се заблагодари на Ѓорѓијевска за извонредната работа која ја направила околу книгите и настаните, како и на Тоше Огњанов за прекрасните фотопортрети. Особена благодарност упати и до Амбасадата на Шведска во Скопје, Шведскиот институт што го поддржува проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ и фестивалот „Литера“, како и до основачот на театарот „Глада Худик“, Пер Јохансон, којшто е движечката сила зад овие активности.
По промоцијата беше прикажан филмот „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“, кој на програмата на Кинотеката ќе се прикаже и на 18 и 19 ноември.