И Италија бара преговорите со ЕУ да почнат до крајот на годината


Новиот италијански амбасадор Андреа Силвестри денеска му ги врачи акредитивните писма на претседателот Пендаровски

Новиот италијански амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, денеска изјави дека „првата меѓувладина конференција треба да се одржи пред крајот на годината и покрај потешкотиите предизвикани од пандемијата“. Овие забелешки Силвестри ги даде за време на церемонијата на врачување на акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.

„Убедени сме дека Северна Македонија заслужува да ги отпочне овие преговори што поскоро. Сметаме дека првата Меѓувладина конференција треба да се одржи пред крајот на годината, и покрај потешкотиите предизвикани од пандемијата. Северна Македонија е спремна да ги отпочне преговорите и не треба да дозволиме билатералните прашања, од кој било тип и од каде и да потекнуваат, да го попречат процесот на преговори. Билатералните прашања треба да останат надвор од преговорите за влез и треба да се решаваат во соодветните форуми“, истакна во обраќањето амбасадорот Силвестри, се вели во соопштението на кабинетот на претседателот.

Пендаровски изразил уверување дека италијанската поддршка за реализација на нашата европска интеграција безрезервно ќе продолжи и во иднина. „Убеден сум дека почетокот на преговорите со Унијата не само што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на состојбите на Западен Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможат побрзо и поефикасно имплементирање на неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција“, рече Пендаровски.